• петок, 22 ноември 2024

Сите патници кои од Скопје пристигнаа во Турку ќе бидат тестирани и ставени во карантин

Сите патници кои од Скопје пристигнаа во Турку ќе бидат тестирани и ставени во карантин
Турку, 11август 2020 (МИА) - Сите патници кои вечерва со авион на Визер од Скопје притигнаа во финскиот град Турку се ставени во карантин и ќе бидат тестирани за Ковид-19. Риита Лиукса, директор на Одделот за цивилна заштита на Турку, изјави дека патниците кои живеат во Финска ќе одат во домашен карантин, а за другите карантин обезбедуваат локалните власти. Сè уште нема информации колку од околу 130 патниците кои пристигнаа од Скопје се Финци, а колкумина се странци. На патниците не им е дозволено да користат јавен превоз на пат од аеродромот до местото на карантин. Надлежните институции ќе контролираат дали карантинот се почитува, а за негово евентуално прекршување се предвидени казни. Финските власти претходно соопштија дека од 157 патници кои во саботата со авион од Скопје пристигнаа во Турку, по направеното тестирање, 26 биле позитивни на Ковид-19. Трисетина патници од саботниот лет се жители на Турку, а најголем дел од останатите се од регионот Усимаа и други делови на Финска. Иако нема официјална информација за идентитетот и националноста на заразените, финските медиуми пренесуваат дека десетина се жители на Турку. Македонското Министерство за здравство денеска соопшти дека според информациите на службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција, повеќето од 157-те патници во авионот се државјани на Косово и на Финска, а само двајца се македонски граѓани. Најголем дел патувале со косовски пасош (95 лица), со фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши. Станува збор за патници, иселеници, кои доаѓаат во Македонија или транзирираат преку земјава од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за кои со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата. Ниту еден од патниците не е на листата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, односно нема решение за изолација заради позитивен корона тест. Сепак, МНР преку Амбасадата во Стокхолм, која ја покрива и Финска, ја побара листата со имиња на патниците кај кои било констатирано присуство на вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче, најави дека по анализа на сите информации ќе биде одлучено дали во иднина ќе се бараат ПЦР тестови за граѓаните на соседните држави кои само транзитираат низ земјава.са/

Остани поврзан