• недела, 22 декември 2024

СИПРИ: Увозот на оружје во Европа е двојно зголемен во последните пет години

СИПРИ: Увозот на оружје во Европа е двојно зголемен во последните пет години

Стокхолм, 11 март 2024 (МИА) - Увозот на оружје во Европа е речиси двојно зголемен во последните пет години, најмногу поради војната во Украина, објави денеска Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ).

Во извештајот на СИПРИ се наведува дека меѓу 2019 и 2023 година увозот на оружје од европските земји се зголемил за 94 отсто во споредба со периодот од 2014 до 2018 година.

Податоците на институтот се однесуваат на обемот на испораките на оружје, а не на нивната финансиска вредност. Бидејќи обемот може значително да варира од година во година во зависност од нарачките, институтот се фокусира на петгодишни периоди наместо на поединечни години.

Најголем увозник на оружје во Европа е Украина, чиј удел изнесува 23 отсто од вкупниот увоз на воена опрема на континентот. Во 2023 година, таа е и најголемиот увозник на оружје во целиот свет. Сепак, во текот на петгодишниот период, Украина е на четвртото место во светот по Индија, Саудиска Арабија и Катар.

Двете земји кои извезоа најмногу оружје во Украина се САД и Германија, со учество од 69 отсто и 30 отсто.

Сепак, вкупниот обем на извоз на оружје од Германија е намален за 14 отсто во последните пет години.

Првпат по неколку децении, Русија повеќе не е еден од двата најголеми светски извозници на оружје. Додека САД го зголемија извозот за 17 отсто, покривајќи 42 отсто од светскиот пазар, испораките од Русија се намалија за 53 проценти. Франција е рангирана пред Русија, која го зголеми извозот за 47 проценти.

Севкупно, глобалните трансфери на оружје од сите земји забележаа благ пад од 3,3 отсто. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан