„Сина синкопа“ - нова стихозбирка на Билјана Станковска
- Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат новата стихозбирка на македонската поетеса Билјана Станковска, насловена „Сина синкопа“. Песните во книгата се поделени во циклусите „Дисонанца“, „Созвучие“ и „Тихување“.
Скопје, 28 мај 2025 (МИА) - Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат новата стихозбирка на македонската поетеса Билјана Станковска, насловена „Сина синкопа“. Песните во книгата се поделени во циклусите „Дисонанца“, „Созвучие“ и „Тихување“.
-„Сина синкопа“ изобилува со слики што поседуваат слична впечатливост, креативна заводливост и сигурни творечки потези. Песните што ја сочинуаат оваа книга, со својата внатрешна лирска динамика сведочат за резултат на сигурна творечка рака, на длабоко доживување и на реалната стварност, но и на нејзиниот одраз, на сенката што овдешното ја фрла во просторите на другата страна, на таинството што тече преку рабовите меѓу овие два света, само навидум јасно омеѓени и разделени, а всушност длабински допрени преку безброј ератични излези и влезови, се вели во поговорот „Внатрешна лирска динамика“ на поетот и литературен критичар Санде Стојчевски.
Според Стојчевски, се покажува дека Станковска испеала сложена книга песни, уметнички целости кои се исполнети со прашања кои во оваа поезија работат максимално ефикасно, го полнат лирското подрачје со рефлексивни стрептежи и на тој начин ја препорачуваат песната, лирската песна особено, како редок израз на човековите настроенија, на неговите упорити настојувања да наѕре зад завесата и да ја укрепи песната со слики, со насетки, со навестувања макар за вистинската природа и на постојното и на неговиот одблесок.“
Билјана Станковска (1951) е автор на делата: „Плетачката на тантели“ (роман), 2021; „Пукнатина во светлината“ (поезија), 2020; „Растурен круг на времето“, (поезија), 2018; „Кој ги краде соништата“ (роман за деца), 2016; „Кога ветровите стивнуваат“ (роман), 2015; „Сега сè е поинаку“ (збирка раскази), 2014; „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“ (роман за деца), 2011; „Реставрација на светлината“ (поезија), 2009; „Замисли желба“ (роман), 2008; „Мед и ѕвезди“ (драмска трилогија), 2006; „Лето значајно како изгрев, 2002; „Разговорливи ветрови“ (роман), 2001; „Сказни и сторенија за поколенија“ (поезија за деца), 1999; „Светлиот пат“ (поезија), 1996; „Миг за пресоздавање“ (поезија), 1995; „Заробен сон“ (раскази), 1993; „Светлооко небо“ (поезија за деца), 1990; „Ограничен простор“ (поезија), 1983. Добитник е нa наградата на ДПМ „Ванчо Николески“ за најдобра детска книга за романот „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“.
Носител е и на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска збирка за 2020 година.
Нејзината поезија и раскази застапени се повеќе антологии. Преведена е на англиски, француски, кинески, српски, словенечки, бугарски и украински јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година. бт/дма/
Фото: Корица