„Силјан“ во режија на Тамара Котевска е годинашниот македонски кандидат за „Оскар“
- Македонскиот филм „Силјан“ во режија на Тамара Котевска и во продукција на „Конкордија“ (Concordia) е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за Најдобар интернационален филм.
Скопје, 9 септември 2025 (МИА) - Македонскиот филм „Силјан“ во режија на Тамара Котевска и во продукција на „Конкордија“ (Concordia) е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за Најдобар интернационален филм.
Одлуката едногласно ја донесе деветчлена Комисија за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, во состав: Томи Салковски - претседател на комисијата и продуцент, Лабина Митевска - продуцент, Даријан Пејовски - режисер, Марија Димитрова - продуцент, Душан Кардалевски - кинематографер, Марина Колоска - прв асистент на камера, Иван Ивановски - режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски - тон мајстор и Горан Игњатовски - автор на филмска маска. Одлуката на нашата комисија е прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука.
Како што е наведено во соопштение, годинава комисијата избирала меѓу три македонски филмски остварувања - „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски во продукција на „Синема футура“, „Силјан“ на Тамара Котевска во продукција на „Конкордија“ и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар во продукција на „Cinepaqe Production“.
-При својот избор, комисијата која имаше навистина тешка задача, беше водена од синеастичката вредност на филмските дела, „силината“ на приказната што ја обработува секој од филмовите, нивната наративна, драматуршка и пикторална компонента, како и критичкиот осврт кон актуелната општествена и политичка стварност, стои во соопштението.
За избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” од осамостојувањето на државава е задолжено Друштвото на филмските работници на Македонија. хс/вј/
Фото: продукција