Сибига: Украина работи со партнерите на забрзување на испораките на системи за противвоздушна одбрана
- Украина работи со своите меѓународни партнери за забрзување на испораките на системи за противвоздушна одбрана до крајот на годината, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига на заедничка прес-конференција во Киев со естонскиот колега Маргус Цахкна.
Киев, 27 октомври 2025 (МИА) - Украина работи со своите меѓународни партнери за забрзување на испораките на системи за противвоздушна одбрана до крајот на годината, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига на заедничка прес-конференција во Киев со естонскиот колега Маргус Цахкна.
- За да ја заштитиме нашата стратешка енергетска инфраструктура пред почетокот на зимата, потребни ни се дополнителни системи за противвоздушна одбрана. Сметаме дека НАТО-програмата PURL (Приоритетна листа на потреби на Украина) може да помогне во набавката на уште системи Патриот од САД. Во моментов бараме најмалку десет такви комплекси, кои ни се неопходни итно. Покрај тоа, ни се потребни и други типови системи и активно соработуваме со сојузниците за да ги забрзаме испораките до крајот на годината, нагласи Сибига.
Тој додаде дека е исто толку важно Украина да го развие сопствениот капацитет за производство на вооружени системи, особено оние со долг дострел.
Министерот ја истакна и клучната улога на дроновите-пресретнувачи во системот за воздушна одбрана. Според него, сојузниците веќе одговараат на повиците на Украина за зголемување на производството на такви беспилотни летала. Сибига оцени дека дроновите ќе имаат сè поголема улога во одбраната на земјата.
Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Велика Британија ќе ја поддржи Украина со нови системи за противвоздушна одбрана, ракети и со производство на дронови-пресретнувачи. ссм/
фото: ЕПА