• понеделник, 18 ноември 2024

СЗО: Поради недостиг, да се користи само една доза од вакцината против колера

СЗО: Поради недостиг, да се користи само една доза од вакцината против колера
Женева, 19 октомври 2022 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) и нејзините партнери денеска препорачаа земјите каде што има колера привремено да користат само една доза вакцина наместо две, како што е вообичаено, поради недостиг на светско ниво затоа што е зголемен бројот на заразени од оваа болест која се пренесува преку водата.
Во денешното соопштение на СЗО и нејзините партнери како што се УНИЦЕФ и Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина се наведува дека една доза од вакцината се покажала како ефикасна во спречување на епидемијата „дури и ако доказите за точното времетраење на заштитата се ограничени“.
СЗО и партнерските организации управуваат со залихи вакцини против колера, од каде што бесплатно се дистрибуираат до земјите на кои им се потребни.
„Оваа мерка е последната опција за да се избегне доаѓање пред невозможен избор: во која земја да се испраќаат дози вакцини, а во која не“, рече Даниела Гароне, меѓународна координаторка во Лекари без граници.
Според неа, „една доза од вакцината ќе обезбеди пократка заштита, но тоа е фер и правичен начин да се обидеме да заштитиме што е можно повеќе луѓе во ситуација кога истовремено се соочуваме со неколку истовремени епидемии на колера“.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека колерата понекогаш убива истиот ден кога човек ќе се зарази и предупреди дека ширењето на заразната болест во 29 земји оваа година врши „невиден притисок“ врз ограничените светски резерви на вакцини против колера.
Според него, производството мора да се зголеми и „ограничувањата не смеат да бидат повеќе од привремено решение“.
СЗО соопшти дека земјите како Хаити, Малави и Сирија се борат да ги спречат големите епидемии на колера и дека климатските промени би можеле да ги направат почести овие епидемии бидејќи бактериите што ја предизвикуваат болеста побрзо се размножуваат во топла вода. Во 2010 години на Хаити од колера починаа речиси 10.000 луѓе. паг/

Остани поврзан