• недела, 22 декември 2024

СЗО: Најмалку 15.000 смртни случаи во Европа поради жештини

СЗО: Најмалку 15.000 смртни случаи во Европа поради жештини

Женева, 7 ноември 2022 (МИА) - Најмалку 15.000 смртни случаи во Европа се директно поврзани со големите топлотни бранови што го погодија континентот во летото 2022 година, според нецелосната проценка објавена од СЗО денеска, по повод КOП27 за климата. 

Летото во 2022 година беше најжешкото на Стариот континент откако беа направени мерења, што предизвика бројни температурни рекорди и драматични пожари. 

„Врз основа на веќе објавените национални податоци, се проценува дека 15.000 луѓе починале токму од горештините во 2022 година“, вели Ханс Клуге, директор на европскиот огранок на СЗО, во соопштението. 

Тој додава дека тој број, кој вклучува 4.500 смртни случаи во Германија, речиси 4.000 во Шпанија, повеќе од 3.200 во Велика Британија и илјада во Португалија, „се очекува да порасне бидејќи повеќе земји пријавуваат нови смртни случаи поврзани со жештините“. 

СЗО посочува дека француската канцеларија за статистика ИНСЕЕ пријавила 11.000 повеќе смртни случаи во летото 2022 година во споредба со летото 2019 година, што и претходеше на пандемијата на Ковид, што веројатно може да се објасни со многу високите температури што преовладуваа во јуни и јули.  

Според СЗО, екстремните температури предизвикаа смрт на 148.000 луѓе во Европа во последните 50 години. 

Повеќе од 10 проценти од тој број се однесуваат на 2022 година, со пријавени 15.000 смртни случаи, и без сомнение повеќе кога ќе се соберат податоците за целата година. 

„Климатските промени веќе не убиваат, но со решителна акција денес можеме да спречиме поголем број смртни случаи“, истакнуваат од здравствената организација на ОН, додека КOП27 се одржува во Египет. паг/

Остани поврзан