• понеделник, 23 декември 2024

Се уште се попишува наследството на Марадона

Се уште се попишува наследството на Марадона
Буенос Аирес, 6 јануари 2021 (МИА) - Светските медиуми објавија детали од извештајот на аргентинскиот адвокат Себастијан Батлието, кој со овластување на локалните власти, започна пред еден месец да работи на утврдување на имотот што по својата смрт, во ноември лани, го остави еден од најдобрите фудбалери на светот на сите времиња Диего Армандо Марадона. Нецелосниот извештај на угледниот аргентински адвокат покажува дека Марадона оставил голем движен и недвижен имот за кој се очекува долга судска постапка за распределба меѓу наследниците, чии број сè уште не е докрај утврден. Според документацијата што досега ја обезбедил Батлието, славниот аргентински фудбалер имал побарувања од властите во Венецуела во износ од 50 милиони долари со вклучени камати, од позајмици на локалните нафтени компании, вклучени во програмата „нафта за храна“. Марадона поседувал и фабрика за брашно и шпагети во близина на Каракас, мала трговска фирма во Неапол, четири банкарски сметки, како и седум автомобили, вклучувајќи ги моделите „Ролс ројс гост’“ (Rolls Royce Ghost), проценет на 300.000 евра и „Бе-Ем-Ве и8“ (BMW i8), вреден околу 145.000 евра. Марадона поседувал и дел од заработките на американската компанија „Флотинг казино“ (Floating Casino), како и две други американски и една британска компании за продажба на облека со неговата заштитна марка, синџир фудбалски академии во Кина, како и колекција од уметнички слики од познати светски сликари. Марадона, исто така, поседувал и дел од хотел со пет ѕвезди во Хавана, како и луксузна куќа во кубанската престолнина. Според весникот „Марка“, куќата била издавана под закуп, а на Марадона лично му ја подарил поранешниот кубански лидер Фидел Кастро. На името на Марадона се водат и неколку недвижности во Јужна Америка, вклучувајќи и два луксузни апартмани во Буенос Аирес. Поранешната аргентинска фудбалска легенда имаше и доживотни договори за соработка со производителот на спортска опрема „Пума“ американската мултинационална компанија за пијалаци „Кока-Кола“, производителот на луксузни часовници „Хаболт“ (Hublot), како и јапонската компанија за видеоигри „Конами“ (Konami). ег/ми/

Тагови

Остани поврзан