• вторник, 25 јуни 2024

Се реставрираат икони на Дичо Зограф кои се чуваат во Националниот историски музеј во Тирана

Се реставрираат икони на Дичо Зограф кои се чуваат во Националниот историски музеј во Тирана

Дебар, 11 ноември 2023 (МИА) – Се реставрираат икони изработени од познатиот македонски зограф, Дичо Зограф, кои се чуваат во Националниот историски музеј во Тирана.

Станува збор за иконата „Свети Атанасиј“ и „Свети Харалампиј“, двете изработени во 1855 година, како и „Свети Никола“ изработена во 1859 година.

- Трите икони се дел од повеќето икони изработени од најпознатиот македонски зограф Дичо Зограф, кои се дел од фондот на Националниот историски музеј во Тирана. Стручни лица од Секторот за уметнички дела од Националниот институт за културно наследство ја продолжуваат работата за завршување на интервенциите на овие икони кои се непроценливо богатство, стои во објавата на Институтот.

Според истиот извор повеќето од конзерваторско-реставраторските процеси се завршени, вклучувајќи дезинфекција, консолидација, чистење, а при крај е процесот на пополнување на празнините и сликовното интегрирање.

Димитар Крстев Дичов, попознат како Дичо Зограф е македонски иконописец, претставник на дебарската школа. Тој е еден од најпознатите икони и фреско-сликари на Балканот во 19-век.

Насликал повеќе од 2.000 икони за потребите на црквите, насекаде на македонска територија и повеќе држави во поширокиот регион.

Неговото творештво означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите.

Дичо е роден 1819 година во Тресонче, област Мала Река, општина Маврово и Ростуше (некогаш дебарски регион), а починал во 1872 или 1873 година. вт/ир

Фото: Албански Национален институт за културно наследство

Остани поврзан