• петок, 05 декември 2025

Се проширува коловозот на патниот правец Долно Татеши - Мислодежда

Се проширува коловозот на патниот правец Долно Татеши - Мислодежда

Струга, 19 септември 2025 (МИА) -  Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) работи на проширување на коловозот на патниот правец Р2234, од селото Долно Татеши до селото Мислодежда, струшко во должина од 3.500 метри и вредност од 20 милиони денари.

Патниот правец Р2234, според ЈПДП, претставува клучна врска за локалното население, бидејќи минува низ повеќе населени места и е од големо значење за секојдневното патување на граѓаните, снабдувањето со стоки и развојот на туризмот во регионот.

- Проектот опфаќа градежни активности кои ќе овозможат зголемување на безбедноста и комфорот при сообраќајот. Изведбата, за која е задолжено ЈП „Македонијапат“, предвидува проширување на коловозот од сегашните 3,8 метри на пет метри, што ќе овозможи полесно и побезбедно движење на возилата, соопшти ЈПДП. 

Работите, како што е наведено, вклучуваат ископ на 3.000 кубни метри земјан материјал, поставување на 900 кубни метри тампон за стабилизација на подлогата и вградување на 1.200 тони асфалт.

- Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се подобри квалитетот на патната мрежа, ќе се олесни пристапот до руралните населени места, а истовремено ќе се поттикне економскиот развој и ќе се подобрат условите за живот на локалното население. Дополнително, подобрената инфраструктура ќе овозможи побрза и побезбедна комуникација на локално и на регионално ниво, стои во информацијата на ЈПДП. сс/дма/

Фото Фејсбук Јавно претпријатие за државни патишта 

Остани поврзан