• петок, 22 ноември 2024

Се одржа третиот Лешочки камерен музички фестивал, се слушаа дуети на различни инструменти

Се одржа третиот Лешочки камерен музички фестивал, се слушаа дуети на различни инструменти

Тетово, 18 септември 2023 (МИА) – Трето издание викендов имаше Лешочкиот камерен музички фестивал. Како и претходните два, така и овој се одржа во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок.

Првата фестивалска вечер во петокот, во првиот дел настапија дуетите Сања Смилеска – Михајловска (виола) и Михајло Михајловски (виолинист, композитор и музички продуцент), а во вториот дел Шкељзен Пајазити (виолина) и Јетмир Мехмеди (гитара).

Втората фестивалски вечер, вчера, недела 17 септември беше време за настап на младите уметници Мила Николовска – Ѓумар, сопран и Ана Гаштаровска, пијано, како и на гостите од Босна и Херцеговина Иван Оташевиќ на виолина и Снежана Поповиќ-Вулета на пијано.

- Убавината на камерната музика е можноста да се комбинираат две и повеќе инструменти и за кои не е потребен голем концертен подиум туку помал простор или соба. Оттаму и зборот „камерна“ од латинскиот збор „camera“ во значење соба, одаја. Дуетите виолина-виола и виолина-гитара со кои започна фестивалот во Лешок ја пренесоа токму таа убавина на камерното музицирање, истакна Соња Андонов, музиколог, професор во ДМУ „Тодор Скалоски-Тетоец“.

Пијанистката Маја Шутевска-Кировска заедно со својот сопруг, виолинистот Љубиша Кировски, се организатори на фестивалот, а речиси 30 години се присутни на музичката сцена како камерен дует Кировски и долгогодишното концертно искуство од фестивали на вакви локации во странство го пренесуваат и кај нас токму со организирањето на камерниот фестивал во Лешок, како место со особено духовно значење за целиот Полошки регион и пошироко

- Одржувањето вакви фестивали на необични, атрактивни локации, е од особено културно значење за една земја и веќе многу години се во тренд во сите поразвиени земји во Европа, посочи уметничкиот директор на фестивалот Маја Шутевска – Кировска на свеченото отворање на фестивалот.

Ова е трето издание на фестивалот и со што манифестацијата чекори во правец да прерасне во традиционална. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан