Се наѕира тешко формирање на нова влада во Бугарија по парламентарните избори
- Според прелиминарните податоци на социолошката агенција „Алфа Рисрч“, во новиот бугарски парламент влегуваат седум партии, јави дописникот на МИА од Софија.
Софија, 4 април 2021 (МИА) – Според прелиминарните податоци на социолошката агенција „Алфа Рисрч“, во новиот бугарски парламент влегуваат седум партии, јави дописникот на МИА од Софија.
Според прогнозите, партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов ГЕРБ освоила 25,7 проценти од гласовите, опозицискиот БСП 17,6, а многу блиску до неа, според други социолошки агенции може и да ја помине, е формацијата на шоуменот и ТВ-водител Слави Трифонов „Има таков народ“ која освоиле 15,2 отсто.
Другите партии кои влегуваат во новиот бугарски парламент се Движењето за права и слободи со 11,0 проценти освоени гласови, Демократска Бугарија на поранешниот министер за правда Христо Иванов со 10,4 отсто, „Исправи се! Мутри надвор!“ на поранешната правобранителка на земјата Маја Манолова освои 4,2 проценти, а партијата на Красимир Каракачанов ВМРО според првичните резултати влегува во парламентот со 4,0 отсто од гласовите на избирачите.
Има многу сериозен одлив од владејачката партија во Бугарија ГЕРБ и од најголемата опозициска сила во земјата досега БСП, покажуваат социолошките анализи по завршувањето на парламентарните избори во Бугарија.
Лидерката на „Исправи се! Мутри надвор!“ Маја Манолова е категорична дека изборните резултати покажуваат победа на вонпарламентарната опозиција, формирана за време на протестите во Бугарија минатото лето. Постои сериозен одлив од двете формации, кој изнесува скоро 700.000 гласачи.
Некои гласачи на ГЕРБ гласале за Демократска Бугарија, како и за партијата на Слави Трифонов. Според бугарските социолози, повеќето од овие гласачи гласале за партијата на Слави Трифонов – „Има таков народ“, која, според Галуп, за околу половина процент ја помина главната опозициска формација Бугарската социјалистичка партија, покажуваат прелиминарните резултати. Според социолозите, партијата на Слави Трифонов може да биде одлучувачка сила за одредување каква влада ќе има Бугарија.
Денешните парламентарни избори во Бугарија имаат најмала излезност од 48 проценти или скоро 3.000.000 граѓани. нк/јт/