• недела, 22 декември 2024

Се додека правосудството ужива доверба од два проценти, нема да се откажам од судските реформи, вели Мицкоски

Се додека правосудството ужива доверба од два проценти, нема да се откажам од судските реформи, вели Мицкоски

Скопје, 13 август 2024 (МИА) – Се додека правосудството кај граѓаните ужива доверба од два проценти, ќе направам буквално се што е во моја моќ, да тие два проценти бидат барем во една година 12, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, порачувајќи дека „не се откажал, ниту ќе се откаже од судските реформи“.

Мицкоски, уште еднаш ги повика сите без разлика дали се претставници на меѓународна заедница или се домашни експерти, да дадат предлог зошто во спротивно, како што нагласи „намерно штитат институции коишто не гарантираат владеење на правото“.

- Минаа месеци, поминаа месеци, ако не доставите тогаш доаѓаме до заклучокот дека вие намерно штитите институции коишто не се способни да обезбедат поддршка кај граѓаните поголема од два проценти, институции коишто не гарантираат владеење на правото, бидејќи два проценти кај граѓаните не е владеење на правото и институции коишто му служат некому, а не на граѓаните, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот на градежни активности за доградба на детска градинка во Општина Аеродром.

Во однос на документите со преземните обврски од реформската агенда на ЕУ во врска со судските реформи, Мицкоски вели дека тоа е „одговор врз основа на важечките закони и устави“.

-  Но, тоа што е наш одговор во тој документ којшто вие го кажувате, е одговор врз основа на важечките закони и устави. Ние како влада не можеме да излеземе надвор од важечкото законодавство и Устав, изјави Мицкоски. 

Како премиер, кој добил 450 илјади гласови на граѓани на избори на оваа програма, Мицкоски рече дека ако не добие подобар предлог „не ми преостанува ништо друго освен тоа, да тој предлог што погласно го промовирам и да ја вратиме довербата кај граѓаните“.

-Основа на функционирање на оваа влада е, владеење на правото, тоа значи судија обвинители кои што ќе судат и обвинуваат согласно закон и Устав, а не согласно партиски нарачки. Од партиски штабови или други центри на моќ. Судии и обвинители коишто ќе гарантираат владеење на право и доверба кај граѓаните. Зашто. Затоа што ако немаме правна држава, нема да има ниту инвестиции, никој нема да сака да инвестира. Ако немаме инвестиции ќе немаме пари во буџетот. Ако немаме пари во буџетот многу едноставно ќе нема пари ниту за реформи во образованието, ниту за реформи во здравството, ниту за повисоки плати, ниту за субвенции, ниту оброк за младите, ниту за стипендии, ниту за нови студентски домови, ниту за медиумите, ниту за никого. Нема да штитам никого. Немам концесија кон никого. Тоа треба ада го разберат сите, рече Мицкоски.

Тезата дека „на Мицкоски ЕУ му ја свитка раката и тој се повлече од тоа дека ќе го распушти Судскиот совет или Советот за јавни обвинители“, според Мицкоски е глупава, нагласувајќи дека „шест години ми ја виткаат раката“. 

-  Не се откажувам од ништо, само во случај ако добиеме подобар предлог. Ги повикувам нека не се кријат позади комфорот на позициите коишто го имаат без разлика од каде доаѓаат. Без разлика претставници на меѓународна заедница, дали се домашни експерти. Дојдете подготвен сум да разговарам со сите вас. Дајте предлог, вака не оди.  Два проценти доверба кај граѓаните. А тезата еве му ја свиткаа раката на Мицкоски, па сега попушти е глупава теза. Ми ја виткаат раката шест години. Не сме имале ваков капацитет, таков капацитет, па гледате дека се што кажаа, ништо не излезе. Доста од политикантство. Народот од нас очекува дејства, да го направиме животот подобар, изјави Мицкоски. аа/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан