• четврток, 09 мај 2024

Сејдини: Имаме подготвено план за воведување ВАР

Сејдини: Имаме подготвено план за воведување ВАР

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) – Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за започнување процес за воведување и имплементирање на ВАР технологија (видео помошни судии) за натпреварите од Македонската фудбалска лига (МФЛ), согласно прописите и процедурите на ФИФА.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини очекува со воведување на ВАР да се сведат на минимум судиските грешки на прволигашките натпревари.

- Сакаме да го исчистиме фудбалот од грешките кои се случуваат поради човечки фактор. Тие најважни клучни грешки повеќе нема да се случуваат, но потребно е трпение и време, затоа што судиите треба да се едуцираат и да знаат како да ја применуваат ВАР технологијата. Сигурен сум дека нема да се избегнат детските болести и во Македонија, знаеме дека некои ситуации дури и со ВАР асистенција нема сите да ги направи да бидат задоволни затоа што секогаш кога е вклучен човек тоа е субјективен впечаток. Важно е дека федерацијата има подготвено план, начин на финансирање, набавка на потребната техничка опрема, подготвеност за едукација на ВАР инструктори и судии, како и сите оперативни аспекти за проектот. Објективно, потребно е најмалку шест месеци за системот да се постави, но ќе се обидеме да го скратиме тој период што е можно повеќе, изјави Сејдини за сајтот на ФФМ.

На вчерашниот состанокот во „Куќа на фудбалот“, првите луѓе на ФФМ дадоа целосна поддршка на иницијативата на клубовите за формирање на Здружение на прволигаши. зс/

Фото: ФФМ

Остани поврзан