• среда, 17 јули 2024

Сејдини демантира раздор меѓу раководството на ФФМ и репрезентацијата

Сејдини демантира раздор меѓу раководството на ФФМ и репрезентацијата
Скопје, 9 април 2021 (МИА) – Претседателот на ФФМ Муамед Сејдини ги демантираше денеска како „новинарски сензации“ написите во дел од домашните медиуми дека има нарушени односи со селекторот Игор Ангеловски на три месеци до почетокот на Европското првенство. Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во обраќањето до јавноста преку социјалните мрежи, истакна дека никогаш не заговарал смена на Ангеловски и отсекогаш верувал во неговите стручни квалитети. -Јас, Муамед Сејдини, потполно сум убеден дека во моментот ја имаме најдобрата генерација македонски фудбалери. Ваквото мислење го имав и во текот на квалификациите за Европското првенство во 2019, кога голем број спортски работници и јавноста бараа смена на селекторот. Но, јас верувам во континуитет и верувам дека брзите одлуки не се добри решенија. Цврсто стојам на ставот дека за секој успех треба и време и многу работа. Се потврди дека тоа е исправно. На радост на сите нас, резултатите дојдоа после две години, наведе Сејдини. Тој потенцираше дека „никогаш не би дозволил да се меша во туѓа работа, а посебно да негира нечии заслуги“. - Нема да дозволам никој по која било цена којашто е надвор од фудбалот да ја наруши прекрасната атмосфера што владее во репрезентацијата. Тоа е моја должност и обврска, порача претседателот на ФФМ Сејдини.ег/свс/

Остани поврзан