• понеделник, 23 декември 2024

СЕФ - Скопје: Прогресивни лидери за праведна и зелена трансформација на земјите од Западен Балкан

СЕФ - Скопје: Прогресивни лидери за праведна и зелена трансформација на земјите од Западен Балкан
Скопје, 25 септември 2021 (МИА) - Првиот Социо-еколошкиот форум денеска во Скопје ги седна на иста маса  регионалните и европски прогресивни политички лидери, тинк-тенк и невладини организации, младински лидери и новинари. Дискусиите се фокусираат на чистата и зелена иднина, достапна за сите граѓани на земјите од Западниот Балкан. Целта е, соопштија од прес-службата на СЕФ - Скопје, да се трасира патот до иднината кога сите земји од Западен Балкан ќе имаат енергетски ефикасни економии и работни места кои се отпорни на влијанија предизвикани од климатските промени и неодржливите извори на енергија. Првиот панел насловен „Европски зелен договор и зелената агенда на Западен Балкан“ започна со воведни обраќања на Зоран Заев,  претседател на СДСМ и премиер на Северна Македонија и Албин Курти, претседател на ЛВВ и премиер на Косово. Премиерот Заев истакна дека во двата мандати на македонската влада предводена од СДСМ, почнувајќи од 2017 година, целта е да се постават енергетските политики во Северна Македонија на стабилни и долгорочни основи базирани на чиста и зелена енергија за да се овозможат услови на раст на економијата во земјата, здрава животна средина и нови работни места. - Еден од основните принципи на Владата е тоа што е зацртано во стратегиите и плановите, бргу да биде претворено во конкретни акции. Токму поради ова донесовме нова легислатива услогласена со европските директиви, како нов начин на поддршка на фотонапонските централи и во ветерниците. Тоа веднаш беше препознаено од страна на домашните и странските инвеститори, кои веќе ја завршуваат изградбата на истите, нагласи премиерот Заев. Тој исто така потенцираше дека една од најважните работи со ваквите инвестиции, освен подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, е и отворањето на нови работни места. Премиерот на Косово и претседател на ЛВВ, Албин Курти истакна дека борбата со со климатските промени е важна, не само за нас и идните генерации, туку и за опстанокот на планетата Земја. - Немаме избор. Мораме да дејствуваме денес, иако може да ни се чини дека е тешко. Големи природни катастрофи ни покажуваат дека еколошкиот систем не може да се третира независно од нашиот економонски систем. Потребен ни е нов одржлив економски модел што ги носи нашите земји кон еколошки и економски прогрес, истакна премиерот Курти. Во вториот дел од панелот „Европски зелен договор и зелената агенда на Западен Балкан“ на дискусијата се приклучија и Аднан Дибрани, пратеник во Парламентот на Шведска од Социјалдемократксата партија на Шведска и Кнут Флекенштајн, специјален советник за Западен Балкан на Партијата на европски социјалисти. Отворена беше дискусија за тоа каква улога има ЕУ во декарбонизацијата на Западно Балканските економии и дали и како владите и граѓаните на Западен Балкан можат да извлечат корист од зелениот договор на ЕУ. - Навистина ни е потребна трансформација во чиста економија слободна од фосилни горива. Социјалдемократите ја имаа првата климатска конференција пред 50 години во Стохлом, овој проблем не е ништо ново, но навистина бавно се одвива. Технологијата е на наша страна, има доволно финансиски средства, но најчесто погрешно се распределуваат кон емисија на штетни стакленички гасови. Затоа мора да направиме нешто во таа насока, сега, пред да стане предоцна, потенцирал Дибрани, пратеник во шведскиот парламент, стои во соопштението. Во обраќањето Кнут Флекенштајн, специјален советник за Западен Балкан на ПЕС, подвлекол дека имаме добри идеи и добри луѓе кои се залагаат за оваа зелена транзиција на Западен Балкан. Сепак, посочил, да се биде дел од оваа трансформација е добро, но да се биде зелен и невработен не е. - Некогаш слушаме обвинувања дека не сме доволно брзи, но ако не се грижиме и за социјаните последици, не може да кажеме дека наша политика е социјалдемократска. Не можеме да ги затвориме сите рудници за јаглен, сега и веднаш. Да, ќе добиеме почист воздух, но илијадници семејства ќе останат без работа и нема да можат да ги нахранат своите деца, тоа не е во духот на социјалдемократијата. Затоа мора да ги споиме овие да света и да продолжиме по тој пат, се наведува во соопштението. За состојбата во Финска говореше, Јоана Јуселиус, посебен советник за климатски промени во Владата на Финска, која рекла дека според проценките на финската влада, Финска ќе биде јагленски неутрална до 2035 година, но сепак ќе го задржи статусот на социјална земја. - Она што можеме ние како Влада да го направиме е да ја следиме ситуацијата за јавниот транспорт, да овозможиме инфраструктура за граѓаните да можат да возат електрични автомобили. Ова не може да го направи само еден човек, ова е мешавина на повеќе акции коишто ќе нè доведат до нашата цел, истото го гледаме со енергетскиот сектор, рекла Јоана Јуселиус. Во текот на денот на СЕФ Скопје следат уште два панели „Зелената економија како двигател за социјална иновација“ и  „Поглед кон иднината: климатска акција - социјална - праведна!“ Социо-еколошкиот форум Скопје 2021 е во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, „Олоф Палме“ меѓународниот центар и Прогрес - Институтот за социјална демократија. цр/са/

Остани поврзан