• понеделник, 23 декември 2024

СЕФ: Граѓаните да го добијат своето место и улога во енергетската транзиција

СЕФ: Граѓаните да го добијат своето место и улога во енергетската транзиција

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) – Праведноста на енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија и вклученоста на граѓаните во овој процес од крајни потрошувачи до производители потрошувачи, како и можностите за членување во енергетски задруги се тема на разговор на четвртиот Социо-еколошки форум (СЕФ) во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ што денеска се одржува во Скопје, на кој има стручна дебата и дискусија за енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

-На форумот има претставници од локалните самоуправи, невладини организации, синдикати, новинари,... со цел заеднички да видиме како е најдобро граѓаните да го добијат своето место и улога во енергетската транзиција од дизајнирање на идните работни места, па се до нивната вклученост како членови  на енергетскиот систем –производители потрошувачи или членови на енергетски задруги. Сакаме да нагласиме дека наместо брза транзиција нам ни треба праведна транзиција, односно наместо транзиција водена само од пазарните интереси сакаме да се осигура местото на граѓаните за и тие да ги осетат придобивките од производството на соларна енергија,  изјави Ивана Вучкова по завршувањето на првиот панел на СЕФ насловен „Како да се обезбеди социјално праведна енергетска трансформација во ера на растечка сиромаштија и нееднаквости?“.

Како позитивен пример ја посочи општина Центар каде, како што кажа, е основано првото општинско претпријатие за производство  на соларна енергија кое треба произведува чиста и евтина енергија за сите основни, средни училишта и градинки.

-Понатаму идејата е да се надградува овој пример преку ново отворената Енергетска канцеларија и вклучување на граѓаните, рече Вучкова. 

Билјана Дуковска од граѓанскиот сектор посочи дека не е можно било кој од сегментите на социјалата, економијата и екологијата да биде испуштен при енергетската трансформација и затоа, додаде, не може да се зборува за енергетска транзиција без да се вклучат граѓаните и нивните потреби и како секоја политика што сега се прави ќе се рефлектира врз идните генерации.

-Имаме големи инвестиции во фотоволтаици и енергетска ефикасност, но најчесто тоа е врзано со приходот и со групата на граѓани кои може тоа да си го дозволат и да профитираат од тоа. Граѓаните со помалку можности се изоставени и најчесто премногу доцна се вклучуваат и плаќаат двојно или повеќе за да може да го фатат трендот кој се случува во светски рамки, рече Дуковска.

Посочи дека не располагаат со бројки за зголемувањето на енергетската сиромаштија во земјава за последните три години, бидејќи такви бројки нема на сајтот на Државниот завод за статистика, но од  дискусиите со граѓаните, како што кажа, има сведоштва дека тие потешко се снаоѓаат и потешко ги опслужуваат основните потреби меѓу кои се и енергетските потреби на домовите. Генерално, додаде, две третини од граѓаните во државата се во енергетска сиромаштија која се однесува на греењето и на ладењето, неможноста за пристап до доволна енергија и неможност да се подмират сметките за електрична енергија и енергенси. Нагласи дека покрај трошоците на граѓаните за греење, треба да се зборува и за трошоците за ладење поради климатските промени и несоодветните живеалишта.

-Примателите на гарантиран минимален приход кои добиваат субвенција за струја го добиваат само во змиските месеци, а во летните веројатно останува да се ладат по автобусите на ЈСП или моловите кои се единствените климатизирани места каде може бесплатно да се оладат, рече Дуковска и препорача општините да инвестираат во јавни ладни простори како што се дневни и социјални центри.

Градоначалникот на хрватската општина Крижевци, Марио Раин истакна дека и кај нив се секој месец се субвенционираат сметките за електрична енергија за сиромашните домаќинства, но додаде дека општината инсталира фотонапонски електрани на покривите на јавните објекти, а од приходите кои ги остварува градот од тоа, се создава посебен фонд со кој директно се финансира подобрување на енергетската ефикасност на објектите на сиромашните домаќинства и изградба на фотоволтаични електрани на нивните покриви за сами да произведуваат струја и на тој начин да не треба повеќе да плаќаат сметки.

-Енергетската сиромаштија е актуелна секаде во Европа, па и во Хрватска. Статистиката говори дека во Европа едно од шест домаќинства се соочува со енергетска сиромаштија, во Хрватска тој број е едно од пет, а во Западен Балкан и малку полошо. Затоа со овој проблем мора да се занимава секоја одговорна локална заедница, рече Раин. вј/са/

Фото: МИА

Остани поврзан