• недела, 22 декември 2024

Сеул го повика рускиот амбасадор поради испраќањето војници од Северна Кореја

Сеул го повика рускиот амбасадор поради испраќањето војници од Северна Кореја

Сеул, 21 октомври 2024 (МИА) – Јужнокорејското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор во Сеул поради распоредување севернокорејски војници во Русија, јави денеска новинската агенција Јонхап.

За време на средбата, првиот заменик-министер за надворешни работи Ким Хонг Кјун рече дека му го изразил своето разочарување на Георги Зиновјев, пренесе ДПА.

Зиновјев не даде коментар за новинарите по средбата во МНР, соопшти Јонхап.

Јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС) минатата недела ја обвини севернокорејската армија дека веќе испратила околу 1.500 војници за поддршка на руската инвазија на Украина.

НИС соопшти дека војниците биле транспортирани со руски бродови во Владивосток каде наводно се подготвуваат за распоредување во војната.

Агенцијата соопшти дека Северна Кореја одлучила да испрати вкупно околу 12.000 војници за да обезбеди поддршка, вклучително и специјални единици. НИС, исто така, тврдеше дека војниците треба да добијат руски униформи и лажни идентитети за да го прикријат нивното вистинско потекло.

Разузнавачката служба ги базирала своите информации на сателитски снимки и софтвер за препознавање лица кои биле користени во соработка со украинското разузнавање.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол ја опиша соработката на Северна Кореја со Русија како сериозна безбедносна закана не само за неговата земја туку и за меѓународната заедница. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан