• сабота, 21 декември 2024

Семинар на ИКОМОС за дигитализацијата на културното наследство

Семинар на ИКОМОС за дигитализацијата на културното наследство
Скопје, 17 март 2021 (МИА) - Работната група на идни професионалци при Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) в петок организира вебинар преку платформата ЗУМ на тема „Дигитализација на културното наследство: Примена на дигитални алатки за документација, презентација и интерпретација на археолошкото наследство во РС Македонија“. Како што информираа од ИКОМОС, вебинарот има за цел да ја информира стручната јавност за начинот и потребата од примена на дигиталните алатки, како и со предизвиците со кои се соочуваат професионалците при нивната имплементација. Говорници на вебнарот ќе бидат професионалци од областа на заштитата на археолошкото наследство од поновата генерација, пионери во дигитализирање на културното наследство, кои ќе говорат за документирање на археолошкото наследство со примена на фотограметрија или IBM (Image-based-modeling), за изработката на едукативни алатки за презентација и интерпретација на археолошкото наследство преку употреба на VR (virtual reality) технологија и мобилни апликации, изработка на првата виртуелна тура за археолошки локалитет во Македонија, како и изработка на 3D модели на археолошки предмети. - На вебинарот ќе говорат Мишко Тутковски и Димитар Николовски од НУ Стоби, Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата и Христијан Талевски од ЈНУ Институт за Старословенска култура – Прилеп, се додава во соопштението. Вебнарот е дело на неодамна формираната работна група на идни професионалци – конзерватори, во рамки на Националниот комитет на ИКОМОС, под раководство на координаторот, м-р Ана Алексова Тутковска, со кој се исполнува дел од статутарните определби на Комитетот, како еден од 110-те национални комитети на ИКОМОС, кој е партнер на Организацијата на ИН за образование, наука и култура (УНЕСКО). Од ИКОМОС информираат дека на настан се поканети и министрите и релевантните раководители на одделите за култура, наука и образование, заштита на животната средина и просторно планирање,  надворешни работи, управите за заштита на културното наследство и животна средина и природата, релевантните научно-образовните институции, релевантните национални и локални институции за заштита на културното наследство и музеи, членови на националните комитети на ИКОМОС, ИКОМ и Синиот Штит, како и на националните комитети на ИКОМОС од Албанија, Бугарија, Грција и Србија и на Координативното тело на ИКОМОС во Косово. - Со ова покажуваме дека и во ова „невреме“ на пандемијата на Ковид-19, нашата НВО е активна и придонесува за унапредување на заштитата на недвижното културно наследство на национално и регионално ниво, се додава во соопштението. Вебнарот ќе за почне во 12:00 часот, а за учество на него потребно е регистрирање на следниот линк: https://forms.gle/mUFe3VByJdv5P96L8, најдоцна до 18 март 2021 година. Бројот на места е ограничен. Вебинарот ќе може да се следите во живо на Facebook страната на НК ИКОМОС – Македонија и на неговиот YouTube канал. сп/

Остани поврзан