• недела, 22 декември 2024

Семејствата на киднапираните Израелци повикаа на генерален штрајк за да се изврши притисок врз владата на Нетанјаху

Семејствата на киднапираните Израелци повикаа на генерален штрајк за да се изврши притисок врз владата на Нетанјаху

Тел Авив, 1 септември 2024 (МИА) - Семејствата на некои Израелци киднапирани од палестинската милитантна група Хамас повикаа на генерален штрајк за да се изврши притисок врз израелската Влада да ги спаси киднапираните.

Откако израелската армија (ИДФ) денеска потврди дека телата на шестмина Израелци киднапирани и ликвидирани од Хамас се пронајдени во тунел во Појасот Газа, групи семејства на киднапираните и исчезнатите апелираа до економската елита, синдикатите и локалните власти да ја блокираат економијата, пренесува Тајмс оф Израел.

„Државниот врв ги напушти киднапираните и сега е време социјалните, економските и локалните лидери да застанат во одбрана на семејствата на киднапираните, заштита на јавноста, солидарност и взаемна одговорност“, се наведува во соопштението, со повикот утре да се „блокира економијата“.

Најголемите компании во Израел го поддржуваат повикот на семејствата на киднапираните да излезат на генерален штрајк, а Израелскиот бизнис форум, што го претставува мнозинството работници од 200-те најголеми компании во земјата, најави дека ќе им се придружи на семејствата на киднапираните Израелците и ја повикуваат јавноста на мобилизација.

  „Форумот се приклучува на протестот на семејствата на киднапираните и ја повикува целата јавност да не остане рамнодушна на напуштањето на киднапираните. Покрај безбедносниот хаос, се соочуваме и со економски хаос без разумен државен буџет, штрајк во образовниот систем и колапс на јавните служби“, се наведува во соопштението на бизнис форумот.

Групи членови на семејствата на киднапираните и исчезнатите бараат премиерот Бенјамин Нетанјаху да ја преземе одговорноста за напуштањето на киднапираните Израелци.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан