• петок, 22 ноември 2024

Селаковиќ – Дендиас: Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија

Селаковиќ – Дендиас: Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија
Белград, 3 јуни 2022 (МИА) – Европската перспектива на регионот, дијалогот Белград - Приштина, Источниот Медитеран, иницијативата Отворен Балкан, билатералните односи, енергетиката, биле дел од темите за кои разговарале шефовите на српската и на грчката дипломатија Никос Дендиас и Никола Селаковиќ на нивната денешна средба во Белград, јави дописничката на МИА од Атина. На прес-конференцијата по средбата, министрите за надворешни работи на двете земји ја повторија и истакнаа важноста на ЕУ-перспективата на земјите од Западен Балкан, а Дендиас го информирал Селаковиќ за претстојниот Самит во рамките на грчкото претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што следниот петок ќе се одржи во Солун. Тој рече дека доаѓа речиси 20 години по солунскиот самит на кој беше донесена агендата за Западен Балкан, а клучната порака што ќе ја испрати до неговите соговорници е дека „иднината на Западен Балкан е во Европската Унија“. - Морам да бидам искрен, разбирам дека постои замор, разбирам дека постои фрустрираност за ова бавно темпо на процесот за интеграција на Западен Балкан, потенцираше Дендиас, но и паралелно посочи дека тоа е „единствениот пат кон мир, стабилност и просперитет на нашиот регион“. Тој додаде дека регионот треба да остане далеку од лажни ветувања и ревизионистички сили „кои сакаат да го вратат назад часовникот во регионот“, а „целиот регион треба да гледа кон заедничката иднина, а не кон минатото и треба да ги решиме предизвиците што се пред нас“. Шефот на српската дипломатија истакна дека за Србија како држава што е на европскиот пат, членството во Европската Унија е стратешко определување и особено е важна грчката поддршка. - Ние високо ја цениме позицијата, принципиелната позиција на Република Грција и нејзиното активно залагање за проширување на Европската Унија и интеграција на Западен Балкан со кое всушност се решаваат и многу отворени политички прашања и сите ние кои живееме во овој дел од Европа, покажуваме јасно определување да се концентрираме на она што е иднината на нашите граѓани и нашите држави. За нас, од главно значење е стабилноста на нашиот регион и можам да кажам дека во таа смисла и Србија и Грција делат идентично мислење, рече Селаковиќ. Додаде дека нема никаква друга разумна алтернатива за зачувување на мирот и стабилноста што во конкретниот период е од клучно значење. Дополнително, на Дендиас му ја претставил и иницијативата Отворен Балкан, изразувајќи надеж дека и Грција ќе даде поддршка и на некој начин ќе најде свое место за зајакнување на конкретниот формат, кој не е само меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија, туку „сите од Западен Балкан се повикани да учествуваат“. На средбата станало збор и за различните мултилатерални формати на соработка во регионот во кои учествуваат Србија и Грција, како и за можноста за проширување или формирање нови со вклучување и на Северна Македонија. Селаковиќ му се заблагодари на Дендиас и во името на српскиот народ за поддршката на Грција за територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија, околу прашањето за Косово, а разговарале и за дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тој рече дека Србија е „целосно доследна во поддршка на територијалниот интегритет на Грција, на копно и на море“, додавајќи дека „почитувањето на основните принципи и правила на меѓународното право е она на кое што се посветени и Србија и Грција“. Дендиас се осврна и на односите со Анкара,објаснувајќи дека Турција јавно изјави дека сака да ги прекине сите врски со Грција и „отвора прашање за грчкиот суверенитет на островите во Егејското море“ и додаде дека тие ќе останат посветени во заштитата на грчките интереси, согласно меѓународното право и меѓународното морско право. Шефот на грчката дипломатија, за време на посетата на Белград, утрово беше примен од претседателот на Србија Александар Вучиќ, а се сретна и со претседателот на Собранието Ивица Дачиќ. Министерот за надворешни работи на Грција минатата седмица ја започна балканската турнеја со посети на Албанија и Северна Македонија, во вторникот беше во Босна и Херцеговина, а следната седмица, во вторник и среда ќе биде во посета на Црна Гора и Косово. ср/паг/

Остани поврзан