• среда, 20 ноември 2024

Секој трет работник во текстилната индустрија има здравствена дијагноза или состојба

Секој трет работник во текстилната индустрија има здравствена дијагноза или состојба
Штип, 26 март 2022 (МИА) - Дијагностициран ѝ е висок крвен притисок, болки во нозете, а шеќерот ѝ варира, овие дијагнози ги заработила текстилната работничка Снежана Костадиновска во изминатите 37 години низ штипски конфекции. Педесет и осумгодишната Костадиновска најдобро ја опишува работата на една текстилна работничка, 30 години работела на нога, како контролор на производството, а седум години свиена на 30 сантиметри од машината во шиење. - Седиш на машината, шиеш, кичмата ти е укочена, кому и да кажеш, никој не ти верува. Стоиш на нога цел ден, нозете те болат, притисокот ти варира. Никој не ти верува, мораш да работиш, вели Костадинова. За вакви проблеми сведочат и останатите текстилни работнички што беа опфатени во анкетата на активистите од НВО „Гласен текстилец“ - Штип, кои заедно со експертите Елисавета Стикова од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ - Скопје и Милан Петковски од Здружението за заштита при работа ги направија истражувањата и првата анализа „Безбедност и здравје при работа во македонската текстилна индустрија“. Универзитетската професорка Стикова вели дека за анализата се користени две независни бази на податоци, едната е анкетата, а втората е систематските прегледи на работниците. Вкрстените анализи на двете бази на податоци ги донеле до заклучокот дека кај вработенте во текстилната индустрија има дури три различни дијагнози и промени во здравствената состојба. На прво место се проблемите со видот, па зголемениот крвен притисок, анемија и кардиоваскуларни заболувања, додека малигните заболувања се на шесто место. - Кај секој вработен во текстилната индустрија се регистрираат дури три различни оштетувања и промени во здравствената состојба. Резултатите ни покажаа дека најмногу проблеми имаат со видот, веднаш потоа доаѓа зголемениот крвен притисок, анемиите и кардиоваскуларните заболувања, вели Стикова. Текстилните работнички што биле опфатени во оваа анализа сведочат дека се изложени на прашина и хемиски супстанции од текстилните материјали, бучава од старите и амортизирани машини за шиење, вибрации и неповолни микроклиматски услови. Токму ова се причините за нарушеното здравје кај текстилните работници. - Нашата анализа покажа нешто што е малку невообичаено и надвор од нашите очекувања. Кај една третина од испитуваните работници се утврдени одредени заболувања и тогаш таа бројка дава за право да се заклучи дека тоа не е многу страшно, само 30 проценти од вработените имаат одредени дијагнози што се потврдени во текот на медицинските прегледи во здравствениот систем. За нас беше многу поинтересно да се види што утврдуваме во текот на стандардните превентивни медицински прегледи што имаат задача да постават рана дијагноза на оштетувањето и да ги најдат проблемите во најраните почетни фази кога уште може да го заштитиме здравјето на работниците, рече Стикова. Со цел утврдување на здравствената состојба кај вработените во текстилната индустрија спроведена е дескриптивна студија на пресек, со која се опфатени 6.447 испитаници, од кои 1893 или 29,3 проценти од машки пол и 4.553 или 70,3 проценти од женски пол. Над 50 отсто од испитаниците се на возраст поголема од 55 години, останатите се на возраст од 18 до 55 години. Податоците покажуваат дека отстапување во здравствената состојба се утврдени кај 1.815 работници, или кај секој трет работник во оваа индустрија. Истражувањето покажа и дека работничките почесто заболуваат во однос на колегите од машкиот пол. Но, во земјава поради законски недоследности и нефукционалност на Законот за едвиденција во областа на здравството, во овој момент нема официјални податоци за професионалните болести во текстилниот сектор, а регистар на професионалните болести и не е воспставен, стои во анализата, на која потпис имаат ставено Стикова и Петковски. Милан Петковски од Здружението за заштита при работа забележа дека во овој сектор не само што им се газат работничките права туку и правото за безбедни работни места. Според него, текстилството во вакви услови и со возраста на работниците кои работат во погоните може да издржи уште десетина години. Смета дека со возраста на работниците, која е над 45 години, и условите во кои работат нема да привлечат млад кадар. - Она што не го гледаме е што на тие исти работници здравјето им се „гази“. На тие исти работници им се одземаат денови од животот кои би требало квалитетно да ги живеат. Можеме и најдобрите закони да ги имаме, но ако сме вакви „дрвени во глава“, истото ќе ни случува и вчера, и денес, и утре, вели Петковски. Според него, проблем не се законите или законските измени, туку што не се применуваат. - Луѓето не бегаат од арно, бегаат од лошо. Луѓето бегаат од таму каде што не ги почитуваат, од таму каде што нивниот труд не е ценет и вредуван. Јас имам една т.н. лакмусова хартија кога треба да испитам дали некое е добро или не е добро работно место. Дали би го вработиле своето дете? Ако одговорите да, тогаш сте на вистинското место. Ако не, тогаш едноставно морате нешто да подобрите, потенцира Петковски. Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“ вели дека најголемиот сведок за грижата кај здравјето на работниците и она што поттикна недостатоците да излезат на виделина е пандемијата. Токму ова ги поттикнало и да го реализираат регионалниот проект со невладина организација од Албанија, тие како активисти на „Гласен текстилец“ истражувале и анкетирале работници во текстилните конфекции во земјава, а нивните колеги во Албанија. - Ако смеам да споделам една тема што неодамна ни се случи, тоа е ковид-пандемија. Знаеме дали некој се грижеше за здравјето на текстилните работнички кога ни се случија кластерите. Превозот не беше уреден, секоја чест на исклучоци. Немаше дезинфекција на работните места, така што бројката како одите кон источниот регион е подраматична и повисока. Меѓутоа, мислам дека нема доволно свест. Еве, деновиве го слушнавме и Ангел Димитров како вели дека нема веќе работници, па нека се прашаат зошто е тоа така, рече Ампева. Заклучоци и препораки од првата анализа за професионални болести кај текстилните работници Стикова и Петковски во заклучоците и препораките во анализите наведуваат дека просекот на староста во текстилната индустрија е 54-годишна биолошка старост, без интерес на младата популација да најде вработување во неа. Посочуваат дека евидентни се прекршувањата поврзани со трудовите прашања, така и со работното опкружување. Законските обврски во однос на трудовата проблематика најчесто се применуваат на минимално ниво или, пак, грубо се прекршуваат заради бројните недоречености и индивидуалните перцепции на одредени авторитети. Додека анализата за состојбата за утврдување на безбедноста на работното место во овој сектор се базира на изјави кои честопати се изготвуваат рутински и не навлегуваат во детална анализа и не се применуваат методолгии и современи лабораторсики мерни техники, со кои би се квантифицирале реалните штетности и опасности. Затоа ја нема и реалната слика. Додека превентивните медицински прегледи најчесто се изведуваат рутински. Тие даваат и 13 предлог-мерки, како да се подобри состојбата со здравјето на текстилните работници, врз основа на она што го забележале како недостатоци. Викторија Димитрова-Јованова 

Остани поврзан