• недела, 22 декември 2024

Сежурне по средбата со Нетанјаху:  Војната во Газа мора веднаш да престане

Сежурне по средбата со Нетанјаху:  Војната во Газа мора веднаш да престане

Ерусалим, 5. февруари 2024 (МИА) – Шефот на француската дипломатија, Стефан Сежурне, денеска во Ерусалим, по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави дека ништо не може да ја оправда трагедијата на која е изложен палестинскиот народ во Појасот Газа веќе четири месеци и дека војната мора веднаш да се прекине.

„Тајмс оф Израел“ пренесува дека Сежурне нагласил дека во согласност со меѓународното право, мора да се воспостави итен и одржлив прекин на огнот во Појасот Газа и дека енклавата треба да добие поголема хуманитарна помош.

Шефот на француската дипломатија повика да се постигне политичко решение за воспоставување на две држави кои ќе живеат во мир една до друга, а притоа да се обезбедат безбедносни гаранции за Израел.

Сежурне нагласи и дека мора да престане насилството на еврејските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег.

-Исто така, мораме да спречиме каков било ризик од ескалација на Западниот Брег, рече министерот на прес-конференцијата по средбата со израелскиот премиер.

Според него, во никој случај не треба да има раселување на Палестинците, ниту од Појасот Газа, ниту од Западниот Брег.

Сежурне вчера ја почна својата турнеја низ земјите од Блискиот Исток, првично со посетата на Египет. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан