• среда, 17 април 2024

Седница на Апелација по барањето на таткото на Вања Ѓорческа за укинување на мерката притвор

Седница на Апелација по барањето на таткото на Вања Ѓорческа за укинување на мерката притвор

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) – Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по барањето на одбраната на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања, да му се укине мерката притвор.

Како што информираат за МИА од Апелација, Кривичниот совет сѐ уште нема донесено одлука, а кога ќе има, судот ќе соопшти преку својата веб-страницата.

Одбраната на Ѓорчевски, преку адвокатот Владимир Туфегџиќ, бара укинување на притворот.

Туфегџиќ во изјава за МИА вели дека бара укинување на притворот поради фактот што до денес не ни е предочен ниту еден доказ од кој произлегува основаното сомневање за сторено кривично дело, ниту ни е овозможен увид во предметот.

- Осомничениот не може да повтори дело кое не го сторил. На судечкиот совет му е укажано дека сето ова што му се случува на таткото е голема грешка и уште една голема трагедија кон него и неговото семејство. На Советот му е укажано дека кон осомничениот се врши тортура во притворската единица на КПУ Затвор Скопје, со тоа што е испитуван во притворската ќелија на начин под секое достоинство, во стоечка положба, свртен со лицето кон sидот за да му се изнуди признание и дека за ова на 18.01.2024 година писмено е известен Јавен обвинител. Осомничениот се приклучи кон жалбата и изјави дека не му е јасно зошто е сето ова бидејќи никого од осомничените не познава, изјави Туфегчиќ.

Бранителот на Ѓорчевски, исто така, посочува дека за денешната јавна седница немал покана и бил известен утрово во 09:20 часот телефонски.

Обвинителството во оваа фаза го застапува вишата обвинителка Фатиме Фетаи. Обвинителството бара Ѓорчески да остане во притвор, поради опасност од бегство, по сторување на кривичното дело помагање во киднапирање и поради влијание врз сведоците.

За киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во притвор се уште четворица осомничени, а првоосомничениот Љупчо Палевски се наоѓа во екстрадиционен притвор во Турција, откако беше уапсен по потерница во Беликесир на 5 декември.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември минатата година. аа/ар/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан