• петок, 22 ноември 2024

Седница на собраниската Комисија за европски прашања

Седница на собраниската Комисија за европски прашања
Скопје, 23 јули 2021 (МИА) – По еден час доцнење, собраниската Комисијата за европски прашања денеска ја одржа 23-та седница на чиј дневен ред е Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка во второ читање. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека се прави злоупотребата на европското знаменце и на скратените постапки кои, како што рече, се прават се со една цел – избегнување на јавноста и транспарентна и  јавна дебата по основа на сите прашања, вклучувајќи го и Законот за државјанство. Праша што се случува со поднесените амандмани од другите пратенички групи или пратеници, освен тие од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Нагласи дека немаат информација што се случува со амандманите, каде се и дали и кои амандмани ќе се разгледуваат на денешната седница. Тој пред усвојувањето на дневниот ред побара информација што се случува. Претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми информира дека од собраниските служби се известени оти има амандмани и затоа седницата од 10 часот беше одложена за во 11 часот. Информира дека амандманите се уште се обработуваат и треба да добијат официјално известување од претседателот на Собранието Талат Џафери. Предложи да се усвои дневниот ред, па потоа да се оди на пауза се додека не се добие официјално известување од претседателот на Собранието. Гордана Силјановска Давкова истакна дека повторно добила закон кој е неуставнно, незаконски и неделовнички напишан двојазично. Побара точно да се наведат директивите и регулативата на која се темели овој закон. Координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи рече дека ќе го поддржат секој амандман кој е конструктивен и се однесува на Законот за државјанство. - Овој Предлог-закон не е наш. Тој е на сите што имаат потреба од нас, овој предлог-закон е за тие што се оставени надвор и затоа ќе го усвоиме секој конструктивен предлог, рече Реџепи и додаде дека не треба да се вршат политички тензии. Предложи да се донесе овој закон, кој, како што рече, е во интерес на граѓаните. Антонио Милошоски посочи дека во земјава има Закон за државјанство, а проблемот, како што рече, е во неговата примена. Според него, луѓе кои заслужиле државјанство и можеби тука имаат жителство од 10 или 20 години не добиле државјанство, а луѓе кои не заслужиле го добиле. Меѓу лицата кои добиле македонско државјанство, а не го заслужиле се, како што рече, 215 меѓународни нарко мафијаши. Тој предложи да се организира јавна дискусија во Собранието за државјанствата, на која ќе присиствуваат министерот или заменик-министерот за внатрешни работи. На барање од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше дадена пауза од 30 минути поради другите обврски на пратениците во Собранието. Во моментов во тек е седницата на Комисијата за европски прашања. Во тек е продолжението и на 47-та седница на Собранието, а пратениците расправаат за дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2021 година мд/дма/

Остани поврзан