• среда, 26 јуни 2024

Северна Македонија и Косово ќе ја зајакнат соработката за привлекување повеќе средства за регионален развој од фондовите на ЕУ

Северна Македонија и Косово ќе ја зајакнат соработката за привлекување повеќе средства за регионален развој од фондовите на ЕУ
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Владата на Република Северна Македонија и Министерството за локална самоуправа се посветени на рамномерниот регионален развој и со задоволство ги споделуваме своите искуства во оваа област со Република Косово, со која остваруваме сестрана соработка. Ве поддржуваме во напорите да добиете набљудувачки статус во транснационалните програми за територијална соработкa на Европската Унија, Еуромед и Адрион. Ова го истакна заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски на средбата со заменик министерот за регионален развој на Косово, Агон Добруна кој предводи делегација во посета на земјава.

- Македонија и Косово се слични по својата големина и по бројот на жители и ние го користевме вашиот пример, вашите иксуства, како и примерот на Република Словенија, при донесувањето на законите и стратегиите за рамномерен регионален развој, рече заменик министерот Добруна. 

Двајцата заменици министри се договорија за поголема соработка и заеднички настап во рамките на иницијативите на земјите од регионот на Западен Балкан, за што поефикасно привлекување фондови од програмите на Европската Унија.

Министерството за локална самоуправа остварува и значајна соработка со Министерството за локална самоуправа на Република Косово во програмите за прекугранична соработка на Европската унија, при што се реализирани 15 проекти во вредност од 5,4 милиони евра.

Во тек е евалуација на проектни апликации од петтиот повик за кој е определен буџет од дополнителни 2,2 милиони евра. Проектите од областа на животната средина, развој на туризмот и зачувување на културното наследство се имплементираат заеднички помеѓу општините на Република Северна Македонија и Република Косово со поддршка на невладиниот сектор од двете земји. Средствата се обезбедени од фондовите на ЕУ, со дополнително кофинансирање од 15 отсто од буџетот на Република Северна Македонија. вг/са/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан