• недела, 22 декември 2024

Северна Македонија го започнува објаснувачкиот скрининг за првиот кластер

Северна Македонија го започнува објаснувачкиот скрининг за првиот кластер

Брисел, 15 септември 2022 (МИА) – Денеска во Европската комисија експертските тимови од Северна Македонија и Албанија ќе слушаат за ажурираното законодавство на ЕУ од 2019, јави дописничката на МИА од Брисел.

Целта на објаснувачкиот скрининг, како и во 2019, е да се информираат тимовите на земјите преговарачи за текот и новитетите во ЕУ законодавството. Со оглед на тоа дека Северна Македонија и Албанија немале објаснувачки скрининг од 2019, тие треба да поминат преку ажурирање на последните закони, пресуди и одлуки во секое од поглавјата од тогаш до денеска.

Состанокот започнува во 9.15 часот во Европската комисија и е посветен на поглавјето пет, Јавни набавки, кое е дел од кластерот еден. Кластерот еден се смета за најважен, во него спаѓаат поглавјата 23 и 24 за правда и судство, кои во текот на преговарачкиот процес први се отвораат и последни се затвораат.

Тимовите утре ќе слушаат и за поглавјето Статистика, овој пат во Луксембург.

Од Европската комисија за МИА вчера изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Северна Македонија и Албанија.

-Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји, изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Таа додаде дека следните месеци носат „интензивна работна програма“ за сите страни, а таа ќе започне со Темелите.

-Станува збор за технички средби во кои е инволвиран голем број експерти, а ние сме во близок контакт со властите за распоредот на средбите, додаде Писонеро за МИА.

Овие технички средби се очекува да траат околу два месеца, по што треба да започнат билатералните скрининзи.

Билатералниот скрининг го префрла фокусот на земјата преговарач која треба на експертите од Европската Комисија секој пат да им го презентира напредокот во секое од поглавјата. Следува извештај на Европската Комисија кој го проценува тој напредок, а извештајот треба да го одобрат и усвојат земјите членки на ЕУ, односно Советот на ЕУ.

Откако ќе заврши билатералниот скрининг, Северна Македонија ќе може да ги започне и формално преговорите по кластери и поглавја со ЕУ, но само доколку прво го промени Уставот и ги внесе Бугарите како конститутивен народ во него.

Од македонска страна не се најавени изјави по состаноците. тм/нд/

Остани поврзан