• недела, 22 декември 2024

СДСМ: Ставот на Заев е став на партијата, став на државата

СДСМ: Ставот на Заев е став на партијата, став на државата
Скопје, 26 ноември 2020 (МИА) - Министрите Мила Царовска, Радмила Шекеринска, Бојан Маричиќ, Венко Филипче, вицепремиерот Љупчо Николовски, потпретседателите на СДСМ, Коста Петров и Мухамед Зекири, пратеникот Коста Костадинов, но и многу други партиски функционери и членови на органите на партијата застанаа во одбрана на премиерот Зоран Заев и неговите јавно искажани ставови кои деновиве се во фокусот на медиумите. Попладнето и вечерва голем број членови на СДСМ, пред се од раководните органи на партијата на своите профили на социјалните мрежи го споделуваа истиот став, кој воедно е став на партијата во целина. Сите напишаа дека зад ставот на Заев стои партијата и партиските органи. -Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина. Избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови.Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ.Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори, наведуваат во постовите, раководните лица на партијата. Ваквата обединувачка порака од СДСМ стасува по критиките на Заев во јавноста и по објавата на Бранко Црвенковски дека го замрзнува членството во партијата. Целта на раководството на СДСМ е да покаже дека во партијата владее единство и дека таа нема да отстапи од борбата за почеток на преговори со Европската Унија. - Знаат граѓаните што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата. Знаат граѓаните кој носи одлуки без разлика на политичката кариера, исклучиво водејќи се од интересот на целиот наш народ и татковината. Моќта на СДСМ произлегува од секој член на СДСМ и од високата свест за одговорност и државништво на секој член на СДСМ. СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти, стои во јавно искажаните ставови на раководството и на членови на органите на партијата.лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан