• среда, 29 јануари 2025

СДСМ: Предложената Концепција за гимназиско образование е несоодветена и неприфатлива, Јаневска да ја повлече

СДСМ: Предложената Концепција за гимназиско образование е несоодветена и неприфатлива, Јаневска да ја повлече

Скопје, 29 јануари 2025

Предложената Концепција за гимназиско образование на министерката Јаневска е на директна штета на учениците, наставниот кадар и иднината на образовниот систем.


Јавноста, учениците, професорите и стручната фела со право реагира и недвосмислено нагласуваат дека предложената Концепција за гимназиско образование е несоодветена и неприфатлива. 


Иако се најавува како реформа во суштина е катастрофално лоша и ја загрозува суштината на еден воспитно-образовен процес. 


Концепцијата ги маргинализира основните општествено-хуманистички дисциплини како Филозофија, Социологија, Логика и Етика, кои се клучни за развојот на критичката мисла и интелектуалните способности на учениците.


Наместо модернизација и унапредување на образованието, предложените реформи ја загрозуваат неговата суштина. Укинувањето или маргинализацијата на овие предмети значи дека ќе продуцираме генерации на ученици кои нема да знаат како да размислуваат критички и рационално.


Дополнително, неприфатливо е да се сведува етиката на „пример од личното однесување на наставниците“. Ова укажува на крајно несериозен пристап кон научната мисла на етиката, логиката и другите дисциплини кои ги едуцираат младите да бидат одговорни и слободоумни личности.


Ја повикуваме министерката Јаневска, веднаш да ја повлече предложената Концепција и итно да отворат јавна дебата.


Да ги вклучат мислењата и анализите на стручната фела, професорите, учениците и експертите.


Реформите да се темелат на детални и транспарентни анализи, а не на онлајн анкети.


Образованието мора да ги подготвува младите за справување со комплексноста на современиот свет, да ги поттикнува да размислуваат критички и да бидат морално храбри личности. Само преку квалитетно образование ќе создадеме генерации кои ќе бидат столб на едно понапредно и праведно општество.

 

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан