• четврток, 03 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

СДСМ: Потрошувачката кошничка порасна за 836 денари, власта нема решение за високите цени

СДСМ: Потрошувачката кошничка порасна за 836 денари, власта нема решение за високите цени

Скопје, 23 април 2025 

Поминаа десет месеци од како ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Десет месеци што беа доволни да излезе на површина неспособноста, неодговорноста и целосната незаинтересираност на оваа Влада за животниот стандард на граѓаните. Македонија економски не оди напред како што ветуваше ДПМНЕ во кампањата. Економијата е заглавена, стандардот е урнисан, граѓаните едвај врзуваат крај со крај.

Владата наместо конкретни решенија, нуди измами и шминка.

Потрошувачката кошничка само во март пораснала за нови 836 денари. Тоа е рекорден скок кој директно ги погодува семејните буџети. Денес, за да се покрие синдикалната минимална кошничка, потребни се речиси три минимални плати. Тоа значи дека едно семејство кое живее од минимална плата не може да си ги дозволи ниту најосновните трошоци – храна, лекови, сметки. Ниту задоцнетите замрзнати маржи од 10% не дадоа значителен ефект во контролата на растот на цените.

Може да заклучиме дека Владата во својата прва година од владеење јасно им покажа на граѓаните дека ниту планира да ги штити од идните економски ризици, ниту има јасен план што ќе прави за да го подобрува стандардот. Ова е економски најнеспособната Влада која сме ја имале.

Платите нема да растат како што растеа до минатата година, минималната плата нема да расте, а за цените Владата нема соодветна стратегија. Резултатот е оној кој го гледаме, систематско осиромашување на граѓаните.

Владата најавува нов начин на пресметка на кошничката – наместо за четиричлено, ќе се пресметува за тричлено семејство, а одморот во странство и овошјето ќе се третира како луксуз и ќе се исклучат од калкулацијата. Тоа е класичен обид да се манипулира со реалноста. Наместо да ги намалат трошоците на живот, тие ја менуваат методологијата за да ја сокријат вистината. Се што се прави од страна на Мицкоски и ДПМНЕ е во насока за замајување на јавноста, ставање на розови наочари за сите поубаво да гледаат, наместо поубаво да живеат. Оваа Влада е толку многу фокусирана на лажен ПР, што нема време да се занимава со реални политики и да се справи со реалноста. Ветуваа економски бум, зборуваа дека Македонија ќе биде економски тигар, но само за една година покжаа дека немаат капацитет нитува да ја направат економско маче. Нема инвестиции, нема раст, нема визија.

Проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд го потврдува тоа. Македонија се наоѓа меѓу земјите со најнизок економски раст во целиот регион. Само за Босна и Херцеговина има пониска проекција. За оваа година, ММФ прогнозира раст на БДП од 3,2 проценти и инфлацијата од 3,4 проценти. Ова значи дека реалниот економски раст ќе биде речиси нула и е јасен индикатор дека се полошо ќе се живее. Со платите граѓаните купуваат се помалку, животот е поскап, продуктивноста не се движи – а Владата тоа го продава како успех.

Податоците за реализацијата на капиталните инвестиции се уште еден показател за неспособноста на оваа власт. До 8 април, реализирани се едвај 10% проценти од планираните капитални проекти. Тоа е дури за 50% помалку од истиот период лани, кога реализацијата изнесуваше 15,6 проценти. Тоа значи дека оваа Влада не носи нови инвестиции и не е способна да го реализира тоа што самата го испланирала.

Дека работите економски не одат, се потврдува и преку низа други постапки на Владата. Зошто со месеци не се прави поврат на ДДВ? Фирмите се жалат дека повратот е целосно закочен. Зошто се доцни со платите за вработените во администрацијата? Зошто нема реализација на унгарскиот кредит за кој граѓаните плаќаат дебела камата? 

СДСМ нема да молчи пред оваа економска неправда. Како социјалдемократска партија, наш приоритет секогаш бил човекот – работникот, семејството, секој оној што живее од својата работа и се бори за подобро утре. Затоа бараме веднаш да се преземат мерки за справување со ценовната криза. Да се обезбеди раст на минималната и просечната плата, во чекор со растот на трошоците за живот. Да се вложува во продуктивноста, во капитални проекти, во реална економија – а не во лажни пресови и лажни слики.

СДСМ: ММФ за Македонија проектира многу низок раст и инфлација од 3,4%

„Македонија се наоѓа на дното на Балканот по економски раст. Единствено Босна и Херцеговина има полоша прогноза од нашата земја. Тоа не е реформа, тоа е капитулација.“ – истакна Кузеска.

СДСМ алармираше за катастрофалните економски политики на власта кои ги потврдуваат и најновите проекции од Меѓународниот монетарен фонд, кои за 2025 година предвидуваат раст на БДП од 3,2% и инфлација од 3,4%.

Како што посочи портпаролката Богданка Кузеска, тоа значи дека реалниот економски раст е речиси нула – или со други зборови, граѓаните ќе живеат полошо, а ќе плаќаат повеќе.

„Со платите што стагнираат, со стандардот кој паѓа, со инфлацијата што ги јаде заштедите – оваа Влада не го носи народот напред, туку го турка надолу. И тоа го потврдува  ММФ“, изјави таа.

СДСМ побара итно преструктурирање на економските приоритети, со фокус на зголемување на продуктивноста и вистинска борба против сиромаштијата, наместо само козметички мерки и политички маркетинг.

СДСМ: Со платите граѓаните купуваат се помалку, животот е поскап – економијата во пад

„Оваа Влада не е само неспособна – таа е опасна за стандардот на граѓаните. Од ден на ден, народот живее се полошо, а Владата гледа само статистики, не гледа луѓе.“ – рече Кузеска.

На прес-конференцијата, СДСМ го потенцираше контрастот меѓу реалниот живот на граѓаните и сликата што Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја прикаже. И покрај ветувањата за раст на платите и подобар живот, се случува спротивното: платите стагнираат, а трошоците растат.

„Семејство со минимална плата не може да си дозволи ни храна, ни лекови, ни сметки. Тоа не е живот – тоа е борба за преживување“, потенцираше Кузеска.

Дополнително, СДСМ предупредува дека новата пресметка на потрошувачката кошничка – со фокус на тричлено семејство и исклучување на 'луксузи' како овошје – е директен обид за манипулација.

Линк до видео: https://youtu.be/DkXR3XmROiA

Линк до видео: https://youtu.be/DkXR3XmROiA

 

Прес-конференција на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ 

 

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: СДСМ 

 

 

 

 

 

Остани поврзан