• понеделник, 25 ноември 2024

СДСМ: Парламентарното мнозинство нема да гласа за брзи предвремени избори

СДСМ: Парламентарното мнозинство нема да гласа за брзи предвремени избори
Скопје, 3 ноември 2021 (МИА) - Парламентарното мнозинство нема да гласа за предвремени избори, информира СДСМ, оценувајќи дека денеска се потврдило оти најавите за ново парламентарно мнозинство од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се несотварливи и паднале во вода. - Мицкоски го лажеше народот до пред само три дена дека има ново мнозинство и еве ја вистината - јавноста ја гледа денеска. Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се повикуваат на изборните резултати, еве им ја математиката. Партиите од владината коалиција на советничките листи на овие избори освоија над 419.180 гласови, што е за 19.090 повеќе од гласовите на партиите од опозицијата. Или изразено во освоени советнички мандати, СДСМ и владината коалиција имаат 664 советнички места, што е 61 повеќе од советничките места кои ги освоија ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата, се вели во денешното соопштение од СДСМ по прес-конференцијата на Мицкоски на која побара брзи предвремени избори. Парламентарното мнозинство, потенцираат од СДСМ, е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот. - Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство, бидејќи има опасни планови за државата. Во име на гласовите на граѓаните кои ги освои владината коалиција кои се повеќе од гласовите на опозицијата, во име на нужноста земјата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, во име на потребата да ги вложиме сите напори да ги почнеме преговорите со ЕУ, ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори, посолуваат од партијата. СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани, се нагласува во соопштението, нема на бранот на еуфоријата да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа која ја освои на локалните избори. - Државата е многу поважна од разулавеноста на Мицкоски и неговата желба за власт. На граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има евроатлански курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес. СДСМ и коалицијата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат Договорот од Преспа, да не втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да не внесат во конфликт и внатрешна омраза и да поништат сѐ што постигнавме заедно во овие четири години, се вели во денешното соопштение од СДСМ. сст/сп/

Остани поврзан