• сабота, 21 декември 2024

СВР Тетово очекува зголемен интензитет на сообраќај, апелира возачите да ги почитуваат законските прописи

СВР Тетово очекува зголемен интензитет на сообраќај, апелира возачите да ги почитуваат законските прописи

Тетово, 4 јули 2024 (МИА) - Со почетокот на месец јули, во поширокиот Полошки регион, подрачје кое административно го покрива СВР Тетово, се очекува повеќе сообраќај поради доаѓање на иселениците па сообраќајната полиција најавува и засилени активности за нормално одвивање на движењето со возила. Оттаму велат дека се преземени и превентивни мерки и овозможување на повеќе места за паркирање на возилата.

-Секторот за внатрешни работи Тетово, поради веќе дојдените иселеници и очекуваното зголемена фреквенцијата на сообраќајот, апелира до возачите да ги почитуваат правилата и законските прописи во сообраќајот за да се избегнат сериозни последици и застој во сообраќајот, да бидат свесни, да не ги паркираат нивните возила кај што ќе стигнат и да придонесат за нивната безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, се вели во денешното соопштение на СВР Тетово.

Потсетуваат дека во соработка со локалните самоуправи веќе се отворени дворовите на неколку основни и средни училишта во централните градски подрачја.

-Тоа ќе овозможи паркирање на возилата и да се избегне двојното, односно паралелно паркирање, како и паркирање во зона на раскрсници, на тротоари, пешачки премини и слично. Возилата што го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот ќе бидат подигнати до општинските „пајак“ служби кои ќе бидат интензивирани активности  и со подолго работно време, соопшти СВР Тетово.

Над 2.500 мерки се изречени во минатите шест месеци во однос на непрописно и погрешно паркирање на возила, а со „пајак служба“ биле подигнати над 1.000 возила кои директно го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот, додека за прекршителите се издадени соодветни платни налози и тие ќе се соочат со парични казни предвидени со закон. ас/сст/

фото МИА 

Остани поврзан