• понеделник, 23 декември 2024

Свештената бигорска Обител со порака до верниците по повод чист понеделник

Свештената бигорска Обител со порака до верниците по повод чист понеделник
Дебар, 27 февруари 2023 (МИА) - По повод денешниот, прв ден на велигденските пости, познат како чист понеделник, од одржаната богослужба Свештената бигорска Обител упати порака до верниците.
 
-Да постиме со пост пријатен, благоугоден на Господа, а вистински пост е: бегање од злото, воздржување на јазикот, отфрлање на гневот, на похотите, озборувањето, лагата, прекршување на дадено ветување. Ако овие нешта ги оставите, постот е вистински и благопријатен, е пораката од Свештената бигорска Обител.
 
Велат дека ова е времето за покајание, ова е денот спасителен, почетокот на постот „биди будна, душо, вратите на страстите затвори ги, и сврти се кон Господа".
 
Во ова древно македонско светилиште, изминатите денови, посебно вчера, на Прочка, присуствуваа околу две илјади верници од сите делови на државава.
 
На умилителна вечерна на простувањето владиката Партениј, игумен на манастирот барајќи прошка меѓу другото рече дека пред нас е нај благословениот период, духовната пролет на Црквата, Светата Четириесетница. 
 
- Простете ми за сè што сум згрешил со збор, дело и помисла и нека ни е убав и благословен Чесниот Пост, та да си ја дочекаме сите заедно Светата Пасха во радост и во духовно веселие, рече г.Партениј.
 
Посака Господ да ни даде сили овој пост да го поминеме во благословеното воздржание и таа „благословена самодисциплина да научиме да ја применуваме до крајот, така што и ние да се спасуваме, а да дадеме и на други пример за спасение". вт/дма/
 
 

Остани поврзан