• понеделник, 23 декември 2024

Свечено отворен меѓународниот собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“ по повод 80 години од првото заседание на АСНОМ

Свечено отворен меѓународниот собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“ по повод 80 години од првото заседание на АСНОМ

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, денеска беше свечено отворен меѓународниот собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“, по повод 80 години од првото заседание на АСНОМ, што ќе трае до 15 ноември.

Поздравни говори пред присутните имаа директорот на Институтот за национална историја - Скопје, Митко Панов, ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Живко Попов, директорката на Државниот архив, Наташа Котлар - Трајкова, како и премиерот Христијан Мицкоски. Потоа следуваше отворање и разгледување на изложба.

Премиерот во неговиот говор рече дека собирот е за да се одбележи 80-годишниот јубилеј од првото заседание на АСНОМ, „еден од најсветлите моменти во нашата понова историја, кога нашите претци донесоа важни одлуки што ни овозможија да се издигнеме како народ и како држава“.

- Оваа институција - АСНОМ, е неизбришливот жиг на македонската борба, најсветиот доказ дека македонската нација е создадена со многу труд и со огромни жртви, подвлече премиерот.

Тој рече дека треба многу мудро денеска да се носат одлуки, за да се може да се стигне онаму каде што се сака. Потоа се осврна на тоа што овие нецели пет месеци го затекнал и го видел како прв човек во македонската Влада.

- Само силна демографија, економски силно развиена држава и одбрана на она што на маса е изгубено изминативе седум години, може да нѐ однесе онаму каде што треба да бидеме и каде што како народ целиме да бидеме, нагласи тој.

Директорот на Институтот за национална историја - Скопје, Панов рече дека АСНОМ обврзува да ја продолжиме заветта на Илинденците и да не отстапиме од традициите и историското наследство, на што тие се повикувале градејќи ја државата. Бидејќи, како што подвлече, Илинден не е само нашето македонско минато, туку е нашата постисторија.

- Затоа, мора да бидеме достојни на нашите АСНОМ-ци и гордо да го издигнеме уште повисоко знамето на Гоце Делчев и на сите наши Илинденци, бидејќи илинденската епопеја е решеноста да не бидиш роб на никого, да заживееш како слободен народ и да покажеш колку е силна тупаницата за извојување на праведната борба за слобода, истакна тој.

Притоа, нагласи дека АСНОМ повикува да се респектираме помеѓу себе, за да бидеме респектирани од другите како држава, народ и нација.

- Бидејќи АСНОМ е и македонскиот влог во Денот на Европа. Илинден е македонскиот национален код. Да бидеш тоа што си, свој на своето, рече меѓу другото Панов.

Ректорката Ангелова истакна дека АСНОМ - е темелот за институционален и севкупен развој на државата, во што спаѓа и најстариот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

- Додека земјава продолжува да се справува со предизвиците на нејзиниот пат кон ЕУ и со сите глобални предизвици, повеќе од кога било, принципите и идеалите на АСНОМ мора да останат вградени во суштината на сите идни одлуки, бидејќи се основата на македонскиот национален идентитет и државност, подвлече Ангелова.

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Попов кажа дека со овој меѓународен собир се одбележува 80-годишнината од одржувањето на првото заседание на АСНОМ и со тоа всушност, „ја продолжуваме традицијата по повод овој најзначаен настан во поновата историја на македонскиот народ, на секои 10 години да одржуваме научни собири посветени на АСНОМ и развојот и зачувувањето на државноста на македонскиот народ“.

Тој изрази надеж дека тоа ќе остане така и во иднина, посочувајќи оти овој е седми научен собир по тој повод.

Осврнувајќи се на патот за членство во Европската Унија, како што рече Попов, македонскиот народ станал пример за мирољубива коегзистенција со соседните земји.

- Пријателството, спремноста за соработка и отворениот дијалог со сите, а посебно со соседните земји, не секогаш беше возвратено на соодветен начин. Напротив, некои од нив покажаа неразбирање и нерационално однесување кон Македонија. Евроскептицизмот што се јавува во последно време е резултат на пречките што ЕУ неправедно ни ги постави во повеќе наврати на нашиот европски пат, а што најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, што во најмала рака, беа референдумски прашања, но, ние не се однесувавме така спрема нив, чиишто последици се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот. За нив, земјата направи болни компромиси при што си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име, со што делумно ги наруши и идеалите и принципите на АСНОМ, изјави меѓу другото Попов.

Но и покрај тоа, нагласи тој, „изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ“.

- Сепак, треба да сме свесни дека само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и со Европската Унија може да се дојде до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го притоа, културното и историско наследство што му припаѓа на македонскиот народ како европска вредност. Но и покрај сите пречки, македонската држава денес е дефинитивно историска реалност со потврден целосен историски идентитет и меѓународен државноправен легитимитет, која со на достоинствен начин, мора храбро да продолжи по зацртаниот европски пат, истакна Попов пред присутните.

Директорката на Државниот архив, Котлар - Трајкова рече дека Архивот како ризница на историско наследство и научно истражувачка институција, по повод осумдесетгодишниот јубилејот, се определи кон државотворната историја на македонскиот народ претставена преку АСНОМ и нејзино јавно прикажување, по пат на тематска изложба.

Материјалот за изложбата, како што појасни, потекнува од фондот „АСНОМ“, заведен во Државниот архив под број 157, опфаќа 22 архивски кутии од кои само еден нивни дел е објавен во седум книги, односно на околу 4.000 страници.

- Оваа документарна ризница сведочи дека АСНОМ, вториот Илинден, останува најзначајна страница на македонската нова историја и инспирација во натамошното пишување на националната историја, додаде Котлар - Трајкова. бд/ац/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан