• сабота, 23 ноември 2024

Свечено отворање на подновената спомен-соба на Крсте Мисирков

Свечено отворање на подновената спомен-соба на Крсте Мисирков
Скопје, 3 март 2021 (МИА) - По речиси две децении од последното реновирање денеска свечено ќе биде отворена подновената спомен-соба на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик во Скопје. Од Институтот посочуваат дека старите документи од претходната поставка се зачувани во електронска форма и заедно со нови фотографии и документи, сведочат за целиот живот на Мисирков, почнувајќи од детството, преку училишните клупи и студиите до образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место зазема книгата „За македонцките работи“, објавена во револуционерната 1903 година, пред цели 118 години. Со оваа подновена и осовременета поставка се одбележува 95-годишнината од смртта на великанот Крсте Мисирков. На отворањето, како што е најавено, ќе присуствуваат и министерка за образование и наука Мила Царовска и градоначачник на Град Скопје, Петре Шилегов. Единствената спомен-соба посветена на животот и дејноста на Крсте Мисирков над четириесет години се наоѓа во Институтот за Македонски јазик „Крсте Мисирков“, а минатата година МОН финансиски ја поддржа иницијативата на Советот на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, на што се приклучи и Градот Скопје. До минатата година Спомен-собата на Мисирков ја имаат посетено повеќе илјади ученици од целата земја. За сите посетители (ученици, професори и научници од земјава и странство) изложбата е бесплатна. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ достојно го проучува и го негува македонскиот јазик преку научната, образовната и издавачката дејност, за чија реализација ја добива целосната поддршка од Министерството за образование и наука при Владата на РСМ. аа/ац/

Остани поврзан