• недела, 22 декември 2024

Свечена седница по повод 78 години од ослободувањето на Кавадарци 

Свечена седница по повод 78 години од ослободувањето на Кавадарци 
Кавадарци, 7 септември 2022 (МИА) - Советот на општина Кавадарци вечерва одржа свечена седница по повод 78 години од ослободувањето на градот.
Во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ присуствуваа бројни гости од општествениот живот. Честитајќи го општинскиот празник и утрешниот Ден на независноста - 8 Септември, претседателот на Советот на општината Стојанче Рамов нагласи дека зад нас е уште една успешна година од работењето.
Рамов додаде дека на седниците биле донесени програми кои биле од надлежност на Советот и одлуки со кои се реализирале капитални инфраструктурни проекти и објекти, а полемиките и дискусиите секогаш биле насочени кон подобрување на условите и стандардите  за  живеење на граѓаните.
- Ррезултатите се видливи на терен, сликата за Кавадарци, особено во комуналната изградба е реална,
Кавадарци како град е за пример во Република С. Македонија, категоричен беше Рамов.
Осврт врз работењето на локалната самоуправа даде и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Не би сакал да звучи нескромно, но списокот на она што го направивме во изминатите години и што планираме да го направиме е долг, на што сум неизмерно горд. Јас како градоначалник и мојот тим, советниците, раководителите на сектори, ЈП „Комуналец“, „Мој општинар“ и многу други, направивме значаен чекор во поглед на комуналната, патната, градежната инфраструктура и во секоја друга сфера од општественото живеење, рече меѓу другото градоначалникот Јанчев.
Тој нагласи дека овие проекти, што се направени и ќе се прават, е тоа што Кавадарци го прави модерен град и безбедно место за живеење.
-Тоа е она што ќе ги натера младите да останат, живеат и творат овде во родниот град. Секако дека без граѓаните, без нивната несебична помош и поддршка, ова немаше да биде возможно.И затоа сакам да упатам голема благодарност до нив. Благодарност и до Советот на општината за донесените одлуки, за досегашните и идни седници, кога единствено ќе расправаме за тоа што ние можеме да им дадеме на граѓаните, а не тие нам. Благодарност до вработените во локалната самоуправа, јавните претпријатија, за помошта што градот ја добива од кавадаречки компании и со седиште во Кавадарци. Благодарност до сите коишто и со само една капка, придонесоа Кавадарци да стане мирно море, во кое заедно ќе пловиме безбедно и сигурно, дециден беше Јанчев.
Во рамки на свечената седница беа доделени и општинските награди за оние коишто дале свој придонес во севкупниот развој на животот во Кавадарци. свд/мд/

Остани поврзан