• петок, 14 март 2025

Светски ден на фармацевтите под мотото „Доверете ни го вашето здравје“

Светски ден на фармацевтите под мотото „Доверете ни го вашето здравје“
Скопје, 25 септември 2021 (МИА) - Под мотото „Доверете ни го вашето здравје“, денеска се одбележува Светскиот ден на фармацевтите. Фармацевтска комора на Македонија соопшти дека годинашното мото е избрано токму поради фактот што во оваа ера на пандемија, токму довербата што пациентите ја имаат кон здравствените работници, меѓу кои и фармацевтите како едни од најдостапните, е таа што ни помага полесно да се соочиме со КОВИД -19 вирусо . - Довербата е клучен сегмент од човечките односи и основен елемент од социјалниот капитал. Довербата е, исто така, од суштинско значење во процесот на здравствената грижа. Постои значајна корелација помеѓу довербата во здравствените работници и резултатите од лекувањето на пациентите. Анкетите покажале дека во различни клинички оддели, со поголемата доверба во здравствените работници, пациентите изразиле поголемо задоволство од лекувањето и покажале многу поповолни здравствени резултати, а пројавиле и помалку симптоми и поголем напредок во квалитетот на животот, се наведува во соопштението. Бројни истражувања веќе години наназад, се посочува, во континуитет ги сместуваат фармацевтите меѓу петте најдоверливи здравствени работници. - Исто така, и едукаторите се постојано во првите пет, и, според најновите истражувања, научниците се едни од најдоверливите луѓе во светот. Фармацевти, едукатори и научници. Тоа е нашата фармацевтска професија, се наведува меѓу другото во соопштението од Фармацевтска комора на Македонија. Се додава дека во време кога владее несигурност кон вакцините, јавната доверба е од најголемо значење од кога било досега. - Ние фармацевтите даваме совети поткрепени со најновите научни докази. Ние можеме аргументирано да им се спротивставиме на анти-вакцерите и да ја зголемиме довербата кон вакцините во полза на нашата заедница, се посочува во соопштението. цр/са/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан