• петок, 05 декември 2025

Светска премиера на „Сиљан“ на Тамара Котевска на филмскиот фестивал во Венеција

Светска премиера на „Сиљан“ на Тамара Котевска на филмскиот фестивал во Венеција

Скопје, 22 јули 2025 (МИА) - Новиот филм на режисерката Тамара Котевска - „Сиљан“ (The Tale of Silyan) ќе има светска премиера на престижниот филмски фестивал во Венеција, во официјалната селекција Out of Competition.

„Сиљан“ е визуелно маестрална, поетска и емотивна приказна за животот на еден фармер од Македонија и неговата неочекувана врска со бел штрк со скршено крило. Филмот е длабоко вкоренет во македонскиот фолклор, инспириран од народната легенда за момчето Сиљан, кое по расправија со татко му, се претвора во штрк.

Филмот е снимен во период од три години. Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија „Concordia“ и британската „The Cornershop“. Останати продуценти се Жан Дакар, кој е и кинематографер на филмот,  и Јорданчо Петковски, со кој Котевска во моментов го снима нејзиниот прв долгометражен филм „Човек против јато“.

-Со зачудувачка фотографија на кинематографот Жан Дакар, „Сиљан“ нè носи низ заборавените пејзажи и нежноста на секојдневието, преточени во кадри што би можеле да бидат изложени во музеј. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи, се наведува во соопштение. 

Тамара Котевска пред пет години имаше историски успех со „Медена земја“ – три награди на фестивалот „Санденс“ (Sundance) и две номинации за Оскар, како и интернационален успех на документарецот „The Walk“. хс/са/

Фото: Навигаторс

Остани поврзан