• четврток, 26 март 2026

Светската дипломатија во Њујорк под будно око, засилени безбедносни мерки за 80.Сесија на Генералното собрание на ОН

Светската дипломатија во Њујорк под будно око, засилени безбедносни мерки за 80.Сесија на Генералното собрание на ОН

Њујорк, 24 септември 2025 (МИА) – Њујорк оваа недела е под највисоко ниво на безбедносни мерки во годината, поради одржувањето на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Како што јави известувачот на МИА, над 140 светски лидери, делегации и дипломати се присутни во градот, што ја активира целата безбедносна инфраструктура на федерално, државно и локално ниво.

Сесијата е класифицирана како настан од висок национален ризик.

Во близина на седиштето на ОН во Источен Менхетан, воведени се „замрзнати зони“ со целосна или делумна забрана за движење на возила и пешаци, додека небото над градот е под строги воздушни ограничувања, вклучително и забрана за дронови.

Засилени контроли има и во метро станицата и во пристанишниот појас, каде што обезбедувањето е под надзор на пристанишни единици, а движењето на водни пловила е ограничено.

Распоредени се и кинолошки единици, тимови за откривање експлозив и илјадници полицајци, а безбедносните служби спроведуваат и прикриени мерки за следење потенцијални закани, вклучително и кибер напади.

Во комплексот на ОН има над 1.400 безбедносни камери и постојано се следат видеоснимки.

Иако мерките создаваат сообраќајни проблеми и затворања на улиците, властите апелираат на трпение и соработка, нагласувајќи дека безбедноста на градот и светските гости е апсолутен приоритет.

- Обезбедувањето на светските лидери и нашите сограѓани ни е апсолутен приоритет. Благодарен сум на сите служби кои работат 24/7 за да гарантираат дека Њујорк е безбеден, изјави градоначалникот Ерик Адамс.

Иако градот функционира во специфичен режим, Њујорк и понатаму го носи епитетот на дипломатска престолнина во светот, овојпат со засилен ритам, блокирани улици и илјадници луѓе кои внимателно следат се што се случува. паг/са/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан