• вторник, 24 декември 2024

Светот во 2024/Грузија на крстопат меѓу Исток и Запад

Светот во 2024/Грузија на крстопат меѓу Исток и Запад

24 декември 2024

„Одете, тепајте ги вашите деца, не нашите“, му викна една постара жена на специјалецот со црна маска, кој стоеше неподвижен, со рацете во џебови. Неговите очи, единственото видливо на лицето, не покажаа никаква реакција. „Тие се наши деца!“, додаде жената наведнувајќи се над барикадите.

Оваа сцена од протестите во Грузија брзо стана вирална на социјалните мрежи, претворајќи се во симбол на гневот и отпорот. Среде масовните демонстрации во Тбилиси и низ целата земја, авенијата Руставели се претвори во епицентар на длабоките поделби кои ја разоруваат нацијата.

Десетици илјади луѓе во континуитет се собираат пред Парламентот, држејќи фотографии од повредените како обвинение против полицијата и анонимните безбедносни сили облечени во црно. Повеќе од 450 лица се приведени, бројни демонстранти се претепани и хоспитализирани, а над 60 новинари се меѓу повредените, со уништени или запленети камери. Опозициските политичари, пак, се соочуваат со апсења, кривични пријави и потенцијални казни. Повредени се и стотина полицајци.

На овие протести, без јасно изразени лидери или конкретни планови, целта е една – одржлива окупација на авенијата. Младите, кои се во првите редови, стојат рамо до рамо со постари генерации. Сцената е исполнета со знамиња на Грузија, Европската Унија, Украина и САД, како и транспаренти што ги истакнуваат професионалните групи – лекари, наставници, ИТ работници – сите обединети против авторитаризмот.

Протестите започнаа како одговор на контроверзниот „закон за странски агенти“, кој многумина го оценија како алатка за задушување на невладиниот сектор и слободните медиуми. Законот донесен претходно годинава, треба да стапи во сила следната година. Но, демонстрациите брзо се проширија во движење против корупцијата, авторитарните тенденции на власта и сè позабележливото руско влијание во внатрешните работи на Грузија.

На 26 октомври во Грузија се одржаа парламентарни избори на кои владејачката партија „Грузиски сон“ прогласи победа. Сепак, резултатите брзо беа доведени во прашање, бидејќи беа целосно спротивни на излезните анкети. Се појавија бројни извештаи, кои предизвикуваат сериозна загриженост за интегритетот на изборниот процес, сугерирајќи дека изборите можеби биле наместени. Најистакнато прашање беше нарушувањето на анонимноста на гласачите, при што некои гласачки ливчиња го откриваа изборот на гласачите поради лошиот квалитет на хартијата. Судијата Владимер Кучуа од општина Тетрицкаро потврди дека тајноста на гласачите навистина била нарушена, што претставува значителен правен преседан. Следствено, резултатите од 30 избирачки места беа поништени. Меѓутоа, оваа пресуда подоцна беше поништена од горниот совет на судот. Тоа и не беше изненадување за многумина, со оглед на речиси целосната контрола што партијата Грузиски сон ја има врз судството.

Пред објавувањето на официјалните резултати, опозициските партии изразија оптимизам, прославувајќи ја, според нив, победата врз основа на проекциите на излезните анкети. Меѓутоа, кога официјалните резултати прогласија победа на владејачката партија, која покажа уште посилни перформанси од претходните избори, тоа предизвика политичка криза. Ваквиот развој на настаните доведе до дополнителни сомнежи за легитимноста на изборите. По првпат во грузиската историја, претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, јавно изјави дека изборите биле наместени. Таа оцени дека новиот парламент е нелегитимен и ги повика четирите големи опозициски партии да одбијат да ги заземат своите места.

Оваа изјава го означи почетокот на широките протести низ целата земја.

Од скромен почеток до масовен отпор

Иако протестите првично беа мали, тие брзо добија замав и станаа секојдневна карактеристика на политичкиот живот на Грузија. Дополнително на фрустрацијата на јавноста беше најавата на Михаил Кавелашвили за нов претседателски кандидат на Грузиски сон. Тој е надалеку познат по неговите радикални проруски ставови и по неговите контроверзни забелешки насочени кон политичките противници. Неговата кандидатура беше дочекана со широко распространет презир, правејќи споредби со неславната одлука на римскиот император Калигула, кој го направи својот коњ сенатор.

Подоцна, на 14 декември Кавелашвили беше и избран за нов претседател на Грузија откако владејачката партија Грузиски сон, која го контролира 300-члениот Парламент, во 2017 година усвои закон според кој претседател на земјата ќе се избира во законодавниот дом, наместо на директни избори. За Кавелашвили гласаа 224 од 225 членови на изборниот колеџ во Грузија.

Четирите главни опозициски групи го отфрлија Кавелашвили и го бојкотираат Парламентот, инсистирајќи на тоа дека изборите одржани во октомври беа наместени.
Грузиската прозападна претседателка  во заминување го осуди изборот на Кавелашвили како пародија, инсистирајќи дека единствено таа има легититмитет во државата. Зурабишвил е претседателка од 2018 година и вети дека ќе остане на функцијата и по истекот на нејзиниот шестгодишен мандат на 29 декември, опишувајќи се себеси како единствениот легитимен лидер до одржувањето на нови избори.
Кавелашвили (53) беше напаѓач на Манчестер Сити и неколку клубови од швајцарската Суперлига. Тој се пресели во политиката откако беше дисквалификуван од трката за челник на грузиската фудбалска федерација бидејќи нема факултетска диплома. Кавелашвили често беше исмејуван од опозицијата во Грузија поради недостиг на високо образование. На денот на неговиот избор за претседател, демонстрантите пред зградата на Парламентот донесоа свои универзитетски дипломи, додека други шутираа фудбалски топки.

Кавелашвили беше еден од авторите на контроверзниот закон со кој се бара од организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од нивното финансирање од странство да се регистрираат како „ги следат интересите на странска сила“, слично на рускиот закон што се користи за дискредитација на организации кои ја критикуваат владата. Тој беше избран за пратеник во парламентот во 2016 година на листата на Грузискиот сон, а во 2022 година беше ко-основач на политичкото движење „Моќта на народот“, кое е во сојуз со Грузискиот сон и стана познато по силната антизападна реторика.

Грузиски сон вети дека ќе продолжи да се залага за членство во ЕУ, но исто така сака да ги „ресетира“ врските со Русија. Критичарите го обвинуваат Грузиски сон, основан од Биџина Иванишвили, милијардер кој се збогатил во Русија, дека станува се поавторитарен, обвинение кое владејачката партија го негира.

Демонстрациите посебно се интензивираа по одлуката на премиерот Иракли Кобахиѕе од владејачката партија Грузиски сон да ги суспендира на четири години преговорите со Европската Унија. Оваа одлука беше оправдана од владата како потреба за „национална независност“, но многумина ја толкуваа како доказ за откажување од европскиот пат.

Оваа објава предизвика шок во грузиската јавност. Таа ноќ, десетици илјади обични граѓани излегоа на улиците на Тбилиси во знак на протест, но беа пресретнати со брутална полициска тактика за задушување на демонстрациите. Ова вклучуваше употреба на водени топови, солзавец и заплена и претепување на поединци идентификувани како водачи на протестите, новинари и некои фигури на опозициските партии, како начин да се заплашат сите други. Овие тактики произведоа спротивен ефект и само поттикнаа дополнителни јавни протести. Тие продолжуваат секоја вечер веќе речиси три недели, постојано растејќи се во големина и се шират во другите делови на земјата.

Суспендирани преговори со ЕУ – Искрата што го запали отпорот

Одлуката беше дочекана со осуда и од страна на граѓаните и меѓународните партнери на Грузија, кои предупредија дека тоа претставува опасен пресврт од демократските принципи. Демонстрантите ја потенцираа важноста на евроинтеграцијата како основа за модернизација и прогрес на земјата.

ЕУ, која ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, под услов земјата да ги исполни критериумите, го стави во мирување нејзиното пристапување и ја прекина финансиската поддршка во јуни по усвојувањето на законот за „странско влијание“.

Иванишвили, кој е еден од највлијателните луѓе во Грузија, негираше какви било проруски намери. Тој тврди дека ја поддржува евроинтеграцијата на земјата и потсети дека се откажал од руското државјанство во 2011 година. Сепак, неговото минато, кое вклучува стекнување богатство во Русија преку трговија со метали и телекомуникации, како и односите со Кремљ, ги подгреваа сомнежите на опозицијата и јавноста.

Не е јасно до кој степен Русија беше вклучена во изборите. Зурабашвили, експлицитно изјави дека имало руско мешање, опишувајќи го гласањето како „руска специјална операција“ наменета за одржување на Грузија во сферата на влијание на Москва. Подоцна ги ублажи своите обвинувања за директна руска вмешаност, па зборуваше за методологии што наликуваат на тактики за мешање кои ги користи Русија. Опозициските лидери ги повторија овие тврдења, обвинувајќи ја Русија дека му помага на „Грузискиот сон“ да донесе кошмар во демократските процеси во Грузија.

Извештајот на Институтот за проучување на војната (ISW) ги поврза изборите во Грузија со пошироката стратегија на Кремљ за хибридно војување, чија цел е консолидирање на влијанието во регионот. ISW ја обвини Москва дека користи тактика за да го промени исходот во корист на Грузиски сон. Истражувачката сторија на Блумберг објавена пред изборите, посочи на инфилтрација на руски шпиони во клучните институции.

И покрај овие извештаи, засега нема конкретните докази за руското мешање во изборите.

Реакцијата на западните земји

Западните земји, предводени од Европската Унија и Соединетите Американски Држави, жестоко реагираа на демократското назадување на Грузија и насилната репресија врз демонстрантите, медиумите и опозицијата.

Европската комисија предложи суспензија на дел од Договорот за олеснување на визниот режим со Грузија, што би значело укинување на безвизниот режим за носителите на дипломатски и службени пасоши. Според Комисијата, оваа мерка е директен одговор на „насилната репресија“ на грузиските власти и законите кои го поткопуваат почитувањето на основните права. Европскиот совет треба да се произнесе за оваа одлука, а ако биде одобрена, земјите членки на ЕУ ќе треба да ја спроведат.

САД, исто така, презеде значителни мерки. Американскиот Стејт департмент воведе визни ограничувања за лица одговорни за поткопување на демократијата во Грузија, вклучувајќи ги и нивните семејства. Дополнително, Министерството за финансии на САД го стави грузискиот министер за внатрешни работи Вахтанг Гомелаури и заменик-директорот на специјалниот оддел на Министерството, Мирза Кезеваѕе, на „црната листа“. Овие санкции се координирани со Обединетото Кралство, кое воведе санкции за петмина високи грузиски безбедносни функционери, вклучувајќи го и Гомелаури.
Освен ЕУ и САД, балтичките земји, како Литванија и Естонија, исто така воведоа санкции за грузиски политичари, вклучувајќи го и премиерот на Грузија. Украина, преку претседателот Володомир Зеленски, објави санкции против грузиската влада, обвинувајќи ја дека „ја предава Грузија на Путин“.

Растргната меѓу Брисел и Москва

Грузија денес стои на раскрсница меѓу европската иднина и руското влијание кое го обележува секојдневието на граѓаните. Социологот Иаго Качкашвили во изјава за ДПА ја отсликува оваа состојба: „Општеството е целосно поделено. Повеќето граѓани сакаат во ЕУ, но многумина не разбираат дека до членството има многу долг пат.“ Оваа поделба е уште поизразена во светло на неодамнешните случувања, како пристигнувањето на рускиот крузер во Батуми и постојаното присуство на руски туристи, кое за владата претставува економска потреба, но за опозицијата е знак на политичка капитулација.

Премиерот Иракли Гарибашвили го брани својот став велејќи дека „неколку туристи не претставуваат нова инвазија од Русија,“ додека лидерот на опозицијата Леван Хабеишвили остро ја критикува владата, нарекувајќи ја „марионета на руските интереси“. Во меѓувреме, според социологот Качкашвили, владата сè повеќе промовира националистички наративи, наместо да работи на исполнување на реформите неопходни за добивање кандидатски статус во ЕУ.

Состојбата со човековите права, корупцијата во правосудството и недостигот на политичка волја за европскиот курс се само дел од пречките. „Нашето правосудство е целосно корумпирано и служи единствено на политичките интереси,“ предупредува Качкашвили.

Следните парламентарни избори ќе бидат клучен момент за земјата. Како што истакнува опозицискиот политичар Гига Бокерија: „Не може да има договор со Путин ако сакаме да го задржиме нашето достоинство како земја“. За Бокерија, изборите се „историска можност да се свртиме кон Европа, која е единствената вистинска цивилизација за нас“.

Сања Костовска

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан