Света литургија и чествување на Свети Јоаким Крчовски во Крива Паланка
- Во чест на споменот на преподобниот отец Свети Јоаким Крчовски што се празнува денеска со Светата божествена литургија во манастирот „св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, Македонската православна црква - Охридска архиепископија го чествува светецот што беше канонизиран во 2022 година.
Крива Паланка, 23 мај 2024 (МИА) - Во чест на споменот на преподобниот отец Свети Јоаким Крчовски што се празнува денеска со Светата божествена литургија во манастирот „св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, Македонската православна црква - Охридска архиепископија го чествува светецот што беше канонизиран во 2022 година.
Крчовски бил учител и просветител што долги години со своето дело и свештеничката професија учителствувал во Крива Паланка, поучувајќи го народот, со морални поуки од христијанството.
Чествувањето на денот на светителот Кумановско-Осоговската епархија го отпочна синоќа со празнична вечерна богослужба во манастирот, а продолжи денеска, со пречек на архиереите од МПЦ - ОА и Света божествена литургија, во преполниот храм верници и добронамерни луѓе.
Општина Крива Паланка вечерва го продолжува оддавањето чест на просветителството со свечена академија во чест на свети Јоаким Крчовски и сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, која е закажана за 19 часот.
На академијата во Националната установа Центар за култура „Крива Паланка“ ќе бидат прогласени најдобрите просветни работници и учениците на генерација од општината.
На академијата ќе настапи и бардот на македонската музика, кривопаланчанец по потекло, Драган Мијалковски.
Денеска н апладне во Европската куќа Крива Паланка се одржа и завршната манифестација на доделување признанија и дипломи за најдобрите млади литерати од основните училишта во Северна Македонија кои учествувале на националниот поетски конкурс посветен на просветителите „По вашите стапки чекориме“ во организација на НУЦК, Библиотека „Кочо Рацин“ - Крива Паланка. ид/мд/