• недела, 22 декември 2024

СБ на ОН го повика Израел да ја поништи забраната за работа на УНРВА

СБ на ОН го повика Израел да ја поништи забраната за работа на УНРВА

Њујорк, 31 октомври 2024 (МИА) - Советот за безбедност на ОН во средата го повика Израел да ја поништи одлуката за забрана на агенцијата на Обединетите нации која обезбедува „витални“ услуги за палестинските бегалци со децении.

„Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот исток (УНРВА) е рбетот на целиот хуманитарен одговор во Газа“, соопшти Советот за безбедност, предупредувајќи дека „милиони луѓе би можеле сериозно да бидат погодени“ доколку нејзините операции бидат оневозможени.

„Агенцијата обезбедува хуманитарна помош за спасување на животите, како и образовни, здравствени и социјални услуги на окупираната палестинска територија и во Јордан, Либан и Сирија“, додава Советот за безбедност во соопштението.

Петнаесет земји во Советот за безбедност, вклучувајќи ги Кина, Русија, Велика Британија, Франција и Соединетите Американски Држави со право на вето, изразија „сериозна загриженост“ откако израелскиот Парламент во понеделникот гласаше за забрана на Агенцијата да работи на израелска територија.

Овој потег може да ја оневозможи УНРВА да ги продолжи своите операции во Газа и на Западниот Брег бидејќи Израел ги контролира граничните премини.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во писмо оваа недела да ја остави УНРВА да ја врши својата работа.

Израел ја обвини Агенцијата, основана во 1949 година, дека била инфилтрирана од палестинската милитантна група Хамас и тврди дека неколку вработени на УНРВА биле вклучени во нападите на 7 октомври 2023 година. паг/

Фото: МИА архива



 

Остани поврзан