• недела, 22 декември 2024

Саудиска Арабија го осуди израелскиот упад во тампон зоната во Сирија

Саудиска Арабија го осуди израелскиот упад во тампон зоната во Сирија

Ријад, 10 декември 2024 (МИА) – Саудиска Арабија денеска го осуди израелскиот упад во тампон зоната во Сирија и серијата израелски воздушни напади што почнаа по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад, Турција претходно објави слична изјава.

- Нападите извршени од израелската окупациска влада, вклучително и преземањето на тампон зоната во Голанската висорамнина и таргетирањето на сириска територија, го потврдуваат континуираното кршење на принципите на меѓународното право од страна на Израел и неговата решеност да ги саботира шансите на Сирија да ја врати безбедноста, стабилноста и територијалниот интегритет, се вели во соопштението.

Саудиска Арабија разговараше со САД во последниве години за нормализирање на односите со Израел во замена за американски одбранбен пакт, помош од САД за воспоставување цивилна нуклеарна програма и пат до формирање на палестинска држава.

Кралството, исто така, постојано ја осудува израелската војна во Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху завчера изјави дека израелските војници привремено ја презеле контролата врз демилитаризираната тампон зона во окупираната Голанска Висорамнина на околу 60 километри југозападно од Дамаск.

Израел ја окупираше територијата во Шестдневната војна во 1967 година и подоцна ја анектираше.

Кога режимот на Асад падна викендов, Нетанјаху рече дека 50-годишниот договор за одвојување на силите меѓу Сирија и Израел пропаднал бидејќи сириската армија ги напуштила своите позиции додека бунтовниците ја зазеле земјата.

- Нема да дозволиме никакви непријателски сили да се утврдат на границата, рече Нетанјаху.

Министерството за надворешни работи на Турција во соопштение наведе дека најостро го осудува израелското прекршување на договорот за одвојување од 1974 година со влегување во израелско-сириската зона и продолжување на напредувањето на сириска територија. Во соопштението се оценува дека Израел „повторно покажува окупациски менталитет во чувствителен период“. јт/

Остани поврзан