• понеделник, 23 декември 2024

Самостојна изложба „Табли“ на Орце Нинески

Самостојна изложба „Табли“ на Орце Нинески

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Ликовниот уметник Орце Нинески вечер во 20 часот во Културно-информативниот центар - Скопје, во салонот Империјал 1, ќе се претстави со нов циклус слики насловени едноставно „Табли“.

Станува збор за дела изработени во последните неколку години.   

-Во сликите доминираат рамни форми и рамен простор, широки хроматски површини распоредени јасно и прегледно,со прецизен цртеж кој ги определува мирните и складни површини. Таквите рамни површини со „стерилизирана“ чистота се распоредени во статичен ритам, по хоризонтала или вертикално поставено платно, некаде „кубистички“ расчленети (сродни на некои платна на Хуан Грис) или илузионистички насликани минијатурни предметни мотиви, вели за изложбата ликовниот критичар Владимир Величковски.

Малите геометриски ликови, додава тој, со ефект на предзнаковна декоративност им даваат извесна живост на мирните површини упатувајќи на афинитетот на Нинески за сликарството на Паул Кле, но исто така и на апстрактниот пејзажизам на Марк Ротко. 

Изложените слики, изработени со акрилни бои, се компонирани од едноставни елементи и меки геометризирани форми кои во основа се независни од појдовните објективни референци (или предметни идентификации) на „затскриениот“ иконопис на масата за конзервација. вг/лв/

Фото: Постер

 



Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан