• понеделник, 23 декември 2024

Самит на „Македонија 2025“ - просперитетни економии преку општествена трансформација, дигитализација и стратешко лидерство

Самит на „Македонија 2025“ - просперитетни економии преку општествена трансформација, дигитализација и стратешко лидерство

Скопје, 30 март 2023 (МИА) - Дигитална трансформација, зајакнување на претприемничките капацитети, иновации во функција на поголема конкурентност, холистички пристап преку примена на ESG (environment, society, governance) стандардите, се само некои од темите што ќе бидат во фокусот на годинашниот Самит на Македонија 2025 што ќе се одржи во Скопје на 26 и 27 април годинава.

На овој регионален настан, кој претставува платформа за споделување знаење, поврзување и поттикнување промени во регионот, ќе присуствуваат повеќе од 40 говорници, врвни експерти во својата област. Ќе се разговара за регионални и глобални теми, меѓу кои се и стратешкото лидерство и ChatGPT. Дел од панелите ќе бидат посветени и на значењето на СТЕМ образованието во процесот на градење просперитетна економија која напредува со иновации и креативност, како и на трендовите за здрав живот и навики.

-На Самитот се очекуваат околу 400 учесници, кои освен што ќе ги слушнат излагањата на панелистите, ќе имаат и уникатна можност за вмрежување со исклучителни професионалци и остварување нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори. Во насока на унапредување на овој сегмент, Македонија 2025 има подготвено платформа за просперитетна иднина, која нуди основа за обединување на сите засегнати страни и усогласеност на клучните приоритети за долгорочен развој и за подобра иднина на Македонија и на регионот, беше речено на денешниот брифинг со новинарите.

Како дел од говорниците најавени на Самитот се премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Американскиот институт за претпријатија Роберт Доар, Кетеван Бочоришвили, поранешен заменик министер за економија и одржлив развој на Грузија и управен партнер на „Бизнис Грузија“, Кам Бакнер, претставник на државата Илиноис, поранешен кандидат за градоначалник на Чикаго, Тед Саудер, поранешен член на менаџментот на Google, Никола Јуришиќ, основач и управен партнер во Transfiguration Advisory, Иван Артуковиќ, извршен директор на Франк, Живко Мукаетов, извршен директор и претседател на Управниот одбор во Алкалоид, Вал Јусуфи, извршен директор на Институтот ЛЕОРОН, Бранко Станчев, главен комерцијален директор во Македонски Телеком АД, Гурудут Банавар, научен и технолошки иноватор, претприемач, инвеститор и хуманист, Сурав Синха, партнер и раководител за стратегија во Longevity Vision Fund, Никола Велковски, ко-основач и извршен директор на Howitzer и многу други истакнати личности во повеќе области.

Пред официјалниот почеток на Самитот, на 25 април, „Македонија 2025“ ќе организира и неколку дополнителни активности во соработка со претседателот на Република Северна Македонија и со Стопанската Комора на Северна Македонија.

Самитот годинава се одржува по 12-ти пат, а го организира меѓународната невладина организација „Македонија 2025“, чија главна мисија е креирање и унапредување на динамична платформа за споделување знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите, во насока на поттикнување на економски развој и одржливост.

Повеќе информации за учество на Самитот се достапни на официјалната веб-страница: https://www.macedonia2025.com/summit/. мч/бак/

Остани поврзан