• недела, 22 декември 2024

Самит на европските социјални партнери во Вал Душес 

Самит на европските социјални партнери во Вал Душес 

Брисел, 31 јануари 2024 (МИА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и белгискиот премиер Александер Де Кро, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ, денеска ќе бидат домаќини на Самитот на социјалните партнери на Унијата, што ќе се одржи во дворецот Вал Душес во јужното бриселско предградие Одергем. 

На Самитот ќе учествуваат и потпретседателот на Еврокомисијата за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас, еврокомесарот за вработување и социјални права Николас Шмит, како и лидерите на европските социјални партнери - Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ), Унијата на конфедерации на индустријата и работодавачите на Европа (БИЗНИСЈУРОП), Европската асоцијација на занаетчиски, мали и средни претпријатија (УЕАПМЕ) и Европскиот центар на јавни претпријатија (ЦЕЕП). 

Главни теми на Самитот ќе бидат улогата на социјалниот дијалог во решавањето на најприоритетните предизвици во индустријата, како и недостигот на работна сила и стручно оспособени кадри.  

Собирот треба да заврши со потпишување на „Трипартитна декларација за развој на европскиот социјален дијалог“. 

Фон дер Лајен го најави одржувањето на Самитот на социјалните партнери при своето обраќање за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент лани во септември, потенцирајќи дека Европската комисија ќе работи на изградба на иднината на Европа заедно со социјални партнери. 

Денешниот Самит се одржува 39 години по првата средба на претставници на институциите на ЕУ, на синдикатите и на асоцијациите на работодавачите, што, исто така, се одржа во дворецот Вал Душес во организација на тогашниот претседател на Еврокомисијата, Жак Делор, со што е поставена основата на европскиот социјален дијалог. 

Социјалниот дијалог како формат е составен дел на европскиот социјален модел и тој е наведен и во Договорот за функционирање на Европската Унија како клучен принцип на Европскиот столб за социјални права.  

Во препораката за социјалниот дијалог од минатата година, Европската комисија ја нагласи потребата од зајакнување на социјалните дијалози и колективното договарање на национално ниво во членките на Унијата. сп/

Фото: Вал Душес

Остани поврзан