• петок, 22 ноември 2024

Самитот на ЕУ не успеа да го тргне ветото на Унгарија и Полска на седумгодишниот буџет на Унијата

Самитот на ЕУ не успеа да го тргне ветото на Унгарија и Полска на седумгодишниот буџет на Унијата
Брисел, 19 ноември 2020 (МИА) - Шефовите на држави и влади на ЕУ за време на денешната видео-конференциска врска не успеаја да го решат прашањето за деблокада на седумгодишниот нацрт- буџет на Европската унија за 2021-2027 година во износ од 1,07 трилиона евра, поставена од Унгарија и Полска, и планот за економско закрепнување по пандемијата од 750 милијарди евра, изјави вечерва европски дипломат. -Расправата за денеска заврши. За жал, видеоконференцијата не е оптимален формат за решавање на прашањето за повеќегодишниот рамковен буџет на ЕУ, изјави дипломатот. „Земјите на ЕУ се согласија за основните принципи на буџетскиот план на ЕУ за 2021-2027 година, вклучувајќи го и владеењето на правото. За тоа да стане реалност, меѓутоа, потребна е едногласна одлука од сите земји на ЕУ “, додаде изворот. Ова значи дека лидерите на ЕУ или ќе свикаат посебен самит за да разговараат за седумгодишниот буџет, или оваа тема ќе стане клучна на планираниот самит на ЕУ на 11-12 декември, што најверојатно ќе се одржи со лично присуство на лидерите, а не преку Интернет. Унгарија и Полска го блокираа одобрувањето на новиот буџетски план на ЕУ, протестирајќи против одлуката за формирање механизам за следење на усогласеноста со владеењето на правото во земјите од Заедницата во 2021 година, така што буџетските средства на Брисел се распределуваат врз основа на резултатите од ова набљудување. Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера го бранеше ветото, обвинувајќи ги властите во Брисел дека сакаат да ја принудат Унгарија да ја смени својата политика за ограничување на имиграцијата. На почетокот на ноември, Советот на ЕУ објави дека усогласеноста со владеењето на правото станува, за прв пат, одлучувачки критериум за распределување на буџетските расходи меѓу членовите на заедницата. сд/

Остани поврзан