• сабота, 23 ноември 2024

Самит за климата на ОН во Глазгов: Светот има шанса за успех за обединување против глобалното затоплување

Самит за климата на ОН во Глазгов: Светот има шанса за успех за обединување против глобалното затоплување
Глазгов, 30 октомври 2021 (МИА) - Претставници на речиси 200 држави од светот ќе бидат учесници на Светскиот климатски самит COP26 во Шкотска од 31 октомври до 12 ноември кои ќе треба да дадат одговор - дали светот може да се обедини и да се соочи со глобалното затоплување како заеднички непријател, пред да биде предоцна. Во момент на екстремни временски појави ширум светот и по извештајот на ОН за климата, што предупреди дека глобалното затоплување ќе излезе од контрола, постапките на владите на оваа конференција ќе одредат дали самитот ќе биде успешен. Разговорите што почнуваат в недела во Глазгов се тешки, но двонеделниот самит е под дополнителен притисок поради пандемијата на коронавирусот, економската криза што ја предизвика и проблемите во светот со енергенсите. На Самитот ќе има пет главни теми со кои ќе се занимаваат: Пред шест години во Париз државите се согласија за намалување на емисиите на штетни гасови за да се ограничи глобалното затоплување до 2 степена Целзиусови и во идеален случај - до 1,5 степени. За да се постигне тоа ќе има предлог за намалување на штетните емисии за 45 отсто до 2030 година во однос на нивото од 2010 година. Не се работи за теми за кои ќе се преговара, туку за предлог чие усвојување се очекува за самитот во ОН да се нарече успешен. Експертите сметаат дека преполовувањето на емисиите во следната деценија е клучен предуслов за постигнување нула емисии до 2050 година, што, според науката, е единствениот начин да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени до крајот на векот, според Парискиот договор. Конференцијата на ОН беше одложена минатата година поради пандемијата на коронавирус, и оваа година е крајниот рок во кој земјите треба да ветат дека ќе се посветат на уште посериозни намалувања на емисиите. Анализата на ОН за нови или ревидирани поднесена до крајот на јули наведува дека до 2030 година, овие 113 земји заедно ќе ги намалат своите емисии за 12 отсто во однос на нивото од 2010 година.   Но, според анализата, комбинираните достапни НОП на сите 191 земја од Парискиот договор заедно изнесуваат 16 отсто зголемување на емисиите на штетните гасови во 2030 година во споредба со 2010 година. Досега, околу 120 земји поднеле ревидирани НОП, но има недостаток на кохерентност и нема заедничка временска рамка за исполнување на обврските. Исто така, постои разновидност на пристапи во различните НОП, што го отежнува нивното споредување. Преговарачите мора да се договорат и за заедничките рокови за идните намалувања на емисиите. Главните извори на емисии на штетни гасови како Кина, Индија, Саудиска Арабија и Турција, кои заедно сочинуваат околу една третина од глобалните емисии на штетни гасови, допрва треба да увезат засилени НОП и треба да го сторат тоа на оваа конференција, наречена СОР 26. Следува ветувањето на богатите земји од 2009 година дека ќе издвојат 100 милијарди долари годишно за сиромашните земји за да можат да се справат со климатските промени. Богатите не го исполнија тоа ветување во 2020 година, а проценките покажуваат дека и во 2019 година сиромашните земји добиле нешто помалку од 80 милијарди долари. Неисполнувањето на ветувањата на богатите за првпат во 2009 година предизвика длабоко незадоволство и недоверба кај сиромашните земји, а некои се заканија дека ќе ги блокираат сите договори додека тоа ветување не се исполни. Според последните податоци на Органзиацијата за економска соработка и развој во 2019 година владите на развиените држави собрале 79,6 милијарди долари што е за два отсто повеќе од собраните пари една година претходно. Нема договорена формула колку една развиена земја треба да придонесе за сумата од 100 милијарди или како. Сепак, Светскиот институт за ресурси (WRI) во Вашингтон пресмета дека само неколку богати земји, вклучувајќи ги Франција, Јапонија, Норвешка, Германија и Шведска, дадоа нешто што може да се нарече праведно, додека САД, Австралија и Канада не исполнија. Едно од предложените решенија што ќе се најде на дневен ред во Глазгов е од 2021 до 2025 година да се исплати договорената сума од 100 милијарди, а подоцна да се компензира сумата што не била подмирена во претходните години. Исто така, се очекува дека неразвиените земји ќе извршат притисок на самитот да искористат половина од тие ветени пари за проекти за адаптација на климатските промени. Владите се согласија да се справат со последиците од климатските промени во државите во развој но нема детали за одговорноста или за обештетување. Во моментов најголемиот дел од сумата оди за намалување на емисиите. Посиромашните земји, исто така, инсистираат на тоа дека е време да се зборува за тоа кој ќе ја плати штетата што ја имаат од покачувањето на нивото на морињата, ширењето на пустините и екстремните временски појави. Друга важна тема на самитот е прашањето што не беше решено на самитот за климата во Париз во 2015 година, а тоа е прашањето за правилата на глобалната трговија со емисиите на јаглерод, што се смета за еден од клучните инструменти за ангажирање на пазарните играчи во борбата против климатските промени. ЧЛЕН 6 - Сe уште не е постигнат договор за Членот 6 од Парискиот договор за улогата на пазарите на јаглерод, а споровите околу него продолжуваат. Напредокот за тоа беше запрен за време на последните преговори во 2019 година. Toj член повикува на „строга одговорност“ за да се избегне „двојно броење“ во намалувањето на емисиите. Исто така, има за цел да воспостави централен механизам на ОН за трговија со јаглеродни кредити од намалени емисии генерирани од проекти со ниска потрошувачка на јаглерод. Преговорите во Мадрид пред две години не успеаја да ги финализираат тие правила утврдени во Парискиот договор за климата, па преговарачите ќе се обидат тоа да го сторат во Глазгов. На едната страна од табелата ќе бидат земјите кои бараат построги правила за да спречат безвредни ваучери за емисиите на јаглерод диоксид да не го преплават пазарот, а на другата страна помалку развиените земји кои инсистираат на признавање на дозволите за емисии на претходно масовно производство. Воспоставувањето на единствен глобален пазар за тргување со емисии е и можност да се добијат пари преку трансакциски даноци кои можат да се искористат за борба против климатските промени, но се уште нема договор за тоа кој и како би управувал со тој пазар и даноци. Претседателот на COP 26 од Велика Британија, Алок Шарма рече дека на оваа конференција сака енергијата од јаглен да влезе во историјата. ОН повикаа на постепено укинување на јагленот на земјите од ОЕЦД до 2030 година, но министрите за животна средина од групата 20 главни економии не се договорија за краен рок. Важно прашање на самитот ќе биде транспарентноста во борбата против климатските промени, бидејќи принципот на доброволности ги наведе земјите внимателно да погледнат што прават другите земји и каков напредок е постигнат пред да одлучат да постават поамбициозни цели. Поврзани со ова прашање се временските рамки за поставување на нови цели за намалување на загадувањето. На самитот во Глазгов ќе се разговара и за метанот, гас кој е главна компонента на природниот гас и нуспроизвод на одредени земјоделски активности, а кој не беше предмет на претходни преговори. Метанот е исто така стакленички гас и делува околу дваесет пати посилен од јаглерод диоксидот, но опстојува во атмосферата околу една деценија. Од поплави и пожари до конфликти и миграции, економските модели се борат да се справат со многуте можни ефекти од глобалното затоплување. ММФ проценува дека неограниченото затоплување ќе го намали светското производство за 7 проценти до 2100 година. Групата „Мрежа за екологизирање на финансискиот систем“ (MEFS), која ги вклучува централните банки ширум светот, предвидува уште поголем пад од 13 проценти. Според западни анализи кои се повикуваат на економисти, просечното ниво на проектиран пад на производството во такво сценарио е 18 отсто. Сепак, постои „сериозен ризик“ средбата во Глазгов да не ги даде посакуваните резултати, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на прес-конференција пред состанокот . „Тоа не е предвидување, туку предупредување. Се уште имаме време да ги вратиме работите на вистинскиот пат“, рече Гутереш.зш/

Остани поврзан