Салиу: Отворен дијалог со ОБСЕ/ОДИХР за достоинствен изборен амбиент
- Во фокус на разговорот беа инклузивноста и еднаквиот пристап на сите граѓани во изборниот процес, со особен акцент на унапредување на условите за учество на ранливите категории, меѓу кои и Ромската заедница во Шуто Оризари.
24 септември 2025
Кандидатот за градоначалник на општина Шуто Оризари и претседател на Демократските сили на Ромите (ДСР), д-р Шабан Салиу, денеска оствари работна средба со долгорочните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР, г-ѓа Габриела Ингерстад и г. Павло Черкашин, се наведува во соопштението од ДСР, што МИА го пренесува интегрално.
Во фокус на разговорот беа инклузивноста и еднаквиот пристап на сите граѓани во изборниот процес, со особен акцент на унапредување на условите за учество на ранливите категории, меѓу кои и Ромската заедница во Шуто Оризари. Се дискутираше и за добри практики во превенција на притисоци, спречување на говор на омраза и дезинформации, како и значењето на навремена и транспарентна комуникација во текот на кампањата.
„Како кандидат за градоначалник и претседател на ДСР силно се залагам за мирна, фер и достоинствена изборна кампања, во која секој граѓанин ќе може слободно и информирано да го оствари своето право на глас,“ изјави д-р Шабан Салиу, додавајќи дека ДСР ќе продолжи со отворен дијалог со меѓународните партнери и граѓанскиот сектор за унапредување на изборните стандарди и демократијата.
Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР ја претставија рамката и мандатот на набљудување на изборниот процес, кое опфаќа следење на правната рамка, работата на изборната администрација, медиумското известување и почитувањето на фундаменталните права за време на целиот изборен процес. Набљудувачката мисија делува независно и непристрасно, согласно меѓународно утврдени принципи и стандарди.
Двете страни се согласија дека континуираниот дијалог, транспарентноста и почитувањето на правилата се клучни за зајакнување на довербата на граѓаните во изборните процеси.
Демократски сили на Ромите