• четврток, 21 ноември 2024

Салиу на Министерскиот состанок за ромската интеграција 2024 во Берлин

Салиу на Министерскиот состанок за ромската интеграција 2024 во Берлин

Скопје, 19 септември 2024 (МИА) - Министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу учествуваше на Министерскиот состанок за ромската интеграција 2024 во Берлин, што го организираше Германската влада.

Образованието, вработувањето, пристапот до здравствени услуги, решавањето на станбените проблеми и справувањето со антициганизмот, беа клучните теми на состанокот.

-Иако Стратегијата е во примена веќе пет години, постојат значајни предизвици кои треба да се надминат. Кога се работи за Ромите, неопходно е да се работи и со Ромите, бидејќи тие најдобро знаат што им е потребно и како може да се подобри нивната состојба. Вклучувањето на Ромите во општествените процеси е клучен момент. Само преку активно учество на Ромите, можеме да постигнеме вистинска интеграција и да создадеме услови за подобар живот, истакна Салиу во обраќањето.

Претставниците од Комисијата за човекови права ја истакнаа важноста на заштитата на човековите права на ромската заедница. Оливер Вархеји од Европската комисија говореше за поддршката од страна на ЕУ за овие напори, додека амбасадорот на Полска, Павел Гроноњ, акцентот го постави на напредокот во подобрувањето на правата на Ромите во Полска. И Марта Гарсија Фидалго од Европската комисија за соседство и проширување ја нагласи важноста на оваа иницијатива.

-Целта на состанокот беше да се направи преглед на досегашните резултати од Декларацијата и да се утврдат следните чекори во критичните области како  образованието, домувањето, документацијата за лична идентификација, борбата против дискриминацијата и зголемувањето на вработеноста кај Ромите. Состанокот беше важен чекор за оценување на досегашниот напредок и поставувањето нови цели за идната интеграција на ромската заедница во општествата во регионот, наведува Кабинетот на министерот Салиу. мч/аа/

фото: Кабинетот на министерот Шабан Салиу

Остани поврзан